Дванаесет млади од четири Балкански земји со различна образовна, економска, социјална и културна позадина волонтираа на кампот „Битола отворен град“ во Битола, информираат во објава на Фејсбук, МКЦ Битола.
„Не е едноставно да бидеш волонтер, некогаш е многу напорно, но може да биде и многу забавно очекувајќи ја наредната волонтерска задача.
Биди сигурен/а дека правиш нешто што е важно, важно е за некои други луѓе, правиш нешто за да ја подобриш средината и заедницата каде ќе одлучиш да волонтираш, запознаваш многу различни личности, можеш да пропатуваш во многу различни земји, да видиш чудни и почудни работи, да станеш емоционално стабилен и „богат“. Важно е да се себеспознаеш во еден ваков процес каде не си опкружен/а со сопственото секојдневие…. Важно е дека помаѓајќи онаму каде што е потребно, правопропорционално си помагаш себеси прераснувајќи во комплетна личност.“, истакнуваат од МКЦ Битола.
Тие наведуваат дека волонтерите истражуваа значајни културни споменици и нивните приказни во Битола, се запознаа одблиску со локалниот контекст, со нашите приказни, верувања, секојдневија.. создаваа спомени и пријателства, помагаа во реализацијата на 20 години „Битола отворен град“ и се забавуваа.
Кампот е со поддршка на Регионалната канцеларија за младинска соработка РИКО во рамките на регионалната програма за размена на волонтери ПАТ Западен Балкан 6 (ROUTE WB6).
Ј. Ѓ.