ФАТМИР БЕСИМИ
Министерството за финансии во изминатиот период активно работеше на реформа за унапредување на фискалната децентрализација, која нуди сериозно системско решение за стабилни финансии на општините кои ќе значат одговорни општини и испорака на квалитетни и ефикасни услуги за граѓаните. Реформата која се состои од три столба: (1) зголемување на фискалниот капацитет на општините и зголемување на приходите на општините; (2) зголемување на финансиската дисциплина на општините, намалување на долговите и домаќинско работење и (3) зголемена транспарентност и отчетност, ја преточивме во законско решение кое веќе ја помина владината процедура. Активностите предвидени со Предлог-законот за финансирање на единиците на локална самоуправа, се во насока на обезбедување дополнителна демократизација на општеството, поефикасно и поекономично обезбедување и испорачување на услугите, но и засилен локален развој.
Градењето добро поставен систем на јавни финансии е обемен процес, којшто се состои од повеќе сегменти, меѓу кои е и фискалната децентрализација и е основа за одржлив економски систем. Унапредувањето на фискалната децентрализација е во целосна согласност и со Европската повелба за локална самоуправа на Советот на Европа (1985) која е прифатена со Декларација и ратификувана и во нашето Собрание во 1997 година.
Локалните власти се најблиску до граѓаните и пренесувањето повеќе надлежности на локално ниво и обезбедување повеќе средства е придонес кон функционални општини и кон поефикасно извршување на услугите. Тие се грижат за многу важни области кои директно влијаат врз животот на граѓаните. Надлежни се за образование, социјална заштита, заштита на животната средина, комунални услуги, спорт и рекреација, противпожарна заштита…, и затоа е важно да имаат стабилни финансии.
Повеќе пари и нови фондови за распределба на средствата за општините
Податоците упатуваат дека од 2005 година до 2019 година средствата за општините се зголемени од 5,9 милијарди денари на 37 милијарди денари. Општините сега согласно закон добиваат 2,8 милијарди денари преку дотација од ДДВ и данокот на личен доход, а со реформата предвидени се овие средства да се искачат на износ од 5,2 милијарди денари во 2024 година. Тоа се постигнува со зголемување на сегашните 3% предвидени приходи за општините од данокот на личен доход на 6% и стапката на дотација од ДДВ од 4,5 % на 6 %, кои ќе се применуваат од 2024 година. До 2024 година предвидено е постепено зголемување на приходите од личниот данок на доход. Така што процентот за 2022 година ќе изнесува 4%, за 2023 година 5% и ќе достигне 6 % во 2024 година. Овој приход општините го добиваат од приходот од данок на личен доход од плати од физички лица наплатен во општината во која се пријавени со постојано живеалиште и престојувалиште. Исто така, преодно зголемување ќе има и кај стапката на дотација од ДДВ така што таа во 2022 година ќе изнесува 5% и во 2023 година 5,5%.
Средствата од дополнителното зголемување на процентот на ДДВ за општините ќе се распределуваат во два нови фонда – Фонд за перформанси (успешност) и Фонд за изедначување.
Фондот за перформанси ќе ги награди општините што имаат подобра наплата на локалните приходи, додека Фондот за изедначување ќе делува во насока на намалување на разликите согласно фискалниот капацитет на општините. Имено, општините коишто покажуваат позитивни резултати и имаат повисока реализација на сопствените приходи ќе добијат повеќе средства од Фондот за перформанси, а од Фондот за изедначување општините коишто имаат пониски приходи поради ограничен капацитет на ресурси, но истите покажале фискален напор и добри резултати во прибирањето на сопствените приходи. Притоа, во Основниот фонд за распределба на средствата од ДДВ ќе се зголеми критериумот по глава на жител од 65% на 80%, имајќи го предвид фактот дека во приходите од ДДВ придонесуваат граѓаните преку потрошувачката, а исто така бројот на жители е релевантен индикатор за утврдување на потребата од јавни услуги што општините треба да ги обезбедат за своите граѓани.
Во Фондот за перформанси и Фондот за изедначување од 2024 година ќе се распределуваат по 0,75 % од наплатениот данок на додадена вредност остварен во претходната фискална година, а 4,5% ќе одат во Основниот фонд.
Во наредната 2022 година, откако ќе почне постепеното зголемување на средствата предвидени за општините, во Основниот фонд и Фондот за изедначување ќе се распределат по 0,25%, соодветно, додека во Основниот фонд 4,5%. Наредната 2023 година кога приходите од ДДВ се искачуваат на 5,5 % од наплатениот данок на додадена вредност остварен во претходната фискална година во Фондот за перформанси и Фондот за изедначување ќе се распределат по 0,5 %, соодветно, додека во основниот 4,5%.
Со реформата покрај подобрување на фискалниот капацитет и зголемување на приходите на општините ќе се дејствува и во насока на подобрување на ефикасноста на администрацијата и кон изнаоѓање нови локални приходи според најдобрите практики од ЕУ за квалитет на услугите и подобрување на критериумите за распределба на доделените средства за пренесените надлежности.
Посебна програма и нови инструменти за поголема финансиска дисциплина
Со вториот столб од реформата се делува во насока на зголемување на финансиската дисциплина на општините, намалување на долговите и домаќинско работење, а активностите се насочени кон реално планирање на приходите и расходите на општините, рационализација во работењето и намалување на непотребните расходи, редовно сервисирање на долговите, поголема финансиска дисциплина, процедури за прогласување финансиска нестабилност, издавање општинска обврзница и анализа на постојните обврски на општините и јавните претпријатија.
Преку посебна програма на општините ќе се даде поддршка во период на финансиска нестабилност, која сега ќе се прогласува по сила на закон. За надминување на проблемите со доспеаните, а неплатени обврски тие ќе имаат на располагање до 10-годишна структурна обврзница за нивно репрограмирање. Тоа е еден од трите предвидени инструменти. Со законот ќе можат да користат и условен кредит (Stand-by) од Министерство за финансии и да издадат општинска обврзница за познат купувач – Министерство за финансии. Оваа измена ќе стапи на сила од јули 2022 со цел општините да имаат доволно време за приспособување. Исто така, во овој преоден период од денот на донесувањето на измените на законот, општините ќе имаат можност да искористат структурна обврзница за постојните обврски заклучно со 30.09.2021. Целта на ова преодно решение е да се даде можност на општините да ги консолидираат своите буџети и да можат да се фокусираат на развој на општините.
Овој начин на решавање на проблемите со ненамирените обврски е поврзан со исполнување на условите за прогласување финансиска нестабилност, каде што е предвидено и истовремено зајакнување на целата постапка од самиот момент на прогласување до денот на надминување на финансиската нестабилност. Тоа ќе значи дека општините нема да може да ги насочат средствата кон несуштински трошоци. Со други зборови, општините ќе добиваат повеќе пари, но ќе има и поголема контрола на нивното работење со финансиите.
Зголемена отчетност за трошење на средствата
Со зајакнување на фискалната одговорност на општините ќе се зголеми и транспарентноста на работењето на општините.
Тие ќе имаат обврска на транспарентен начин да објавуваат финансиски податоци на своите веб страни, зголемена отчетност во трошењето на сите средства кои се доделени од страна на државата, а ќе се спроведува и зголемена контрола од страна на Финансиската инспекција за почитување на законските прописи и за рационалното и наменско трошење на средствата и спроведување финансиска инспекција врз основа на пријави за непочитување на Законот за пријавување и евиденција на обврските и пријави за непочитување на Законот за финансиска дисциплина.
Побрз регионален развој и повеќе средства за инфраструктурни проекти преку Агенцијата за регионален и локален развој
Побрз регионален развој ќе се постигне преку повеќе средства за инфраструктурни проекти коишто ќе бидат достапни преку новоформираната Агенција за регионален и локален развој.
Агенцијата ќе има средства од централниот буџет, но и финансиски средства од домашните и меѓународните финансиски институции за финансирање на капиталните инфраструктурни проекти за општините.
Покрај ова значајна поддршка во развојот на општините се спроведува и преку проекти на централната власт финансирани преку меѓународни финансиски институции, а значајна е и прекуграничната соработка, финансирана од средства од ЕУ и кофинансирана од буџетот на државата.
Со ангажирање на централната и на локалните власти, како и со поголеми средства за развојни проекти може побрзо да се влијае на промена и подобрување на условите за живеење во сите општини.
Повеќе истражувања покажуваат и позитивна корелација помеѓу степенот на фискална децентрализација и нивото на економски развој, односно просечното ниво на фискална децентрализација во развиените земји е повисоко во однос на земјите во развој.
Преку инклузивен и транспарентен процес до оптимални решенија
Целиот процес во досегашниот период се спроведуваше со јавни консултации со ЗЕЛС, меѓународни развојни партнери, академската заедница, деловната заедница и други засегнати општествени чинители, а со цел низ еден инклузивен и транспарентен процес да се дојде до оптимални решенија коишто ќе придонесуваат општините да бидат функционални и да испорачуваат квалитетни услуги кон граѓаните.
Неколку години по ратификација на Европската повелба за локална самоуправа, Република Северна Македонија влезе во процес на пренесување на дел од надлежностите на наплатата на јавните приходи и извршување на јавните расходи на едниците на локалната самоуправа со донесување на Законот за локална самоуправа во 2002 година. Процесот на децентрализација се извршуваше во повеќе фази. Во „нултата фаза“ се обезбедија минимум неопходни капацитети за финансиско управување од општините. Во првата фаза следеше преземање на имотот и обврските од децентрализираните надлежности. Во втората фаза општините ги преземаа надлежностите за донесување одлуки во врска со функционирањето на буџетските корисници.
Фискалната децентрализација, исто така, се спроведуваше во неколку фази, а сериозен исчекор е направен во јули 2005 година, со измени на Законот за даноци на имот, Законот за комунални такси и Законот за административни такси.
Фискалната децентрализација е процес кој треба да се надградува и реформира пред се заеднички и преку напорот што општините го даваат за собирање на сопствените приходи, а кои заедно и со централната власт ќе можат да им пружат подобри услуги на своите граѓани.
И сосема на крај, со оглед на тоа што со овој пакет на реформи создаваме повеќе можности за финансирање и развој на општините преку зајакнување на локалната самоуправа и финансиска автономија, а со цел ова да успее, користејќи ја реториката на Пол Харви оваа колумна ќе ја завршам со една негова изрека, а како порака за идните градоначалници на општините: „Самоуправувањето нема да функционира без самодисциплина“.
Преземено од Министерство за финансии