Минатата сабота на домофон ни заѕвони попишувач. Културен млад маж, носеше маска, вакциниран. Нè викна пред влез – комшиите му организирале масиче + столчиња кај гаражите, под стреа. Процесот траеше околу 20 минути бидејќи дел од податоците веќе им беа внесени.
Го прашав попишувачот дали го малтретирале бојкотирачи, рече не наишол на такви во тие улици на општина Центар што му биле доделени. Оставал ливчиња со негов мобилен кај празни станови да му се јават, да дојде во време кога им одговара.
Потоа ми текна како ми беше кога јас како студент работев на пописот 1994 г. во Гази Баба. Бевме екипа од тројца и сограѓаните нè пречекуваа ептен гостопримливо и срдечно. Често раскажуваа и за семејните истории, а кај некои останувавме да до/гледаме фудбал (Светско првенство).
Се чудам колку ни се изменила земјава за овие 25-30 години. Поточно, луѓево во неа. И старите и овие ,неки нови клинци’. Во деведесеттите имаше и пропаднат попис и етнички тензии, но беше незамисливо некој да пререче или да се изживува на попишувачите. За сите бевме ,наши деца’.
И самиот процес во едно домаќинство траеше подолго. На почеток ни ги дадоа сите материјали – три дебели фасцикли со хартии – формулари ,чаршафи’ за околу стотина домаќинства од доделениот реон. Ги м’кневме со нас и пополнувањето беше на рака. Сега со кликање на лаптоп беше друга песна.
Годинава ме зачуди дека фалеле пријавени попишувачи. ’94 хонорарот беше добредојден додаток на домашниот буџет (стечаи). Ама не е сè во парите. Познавам невработени што не се пријавиле од страв од пандемијата, работа со луѓе е ризична оти има многу невакцинирани. #ВакцинирајСе
Инаку очекував да има прашања поврзани со фактори на развој, економија = екологија. На пр. дали имате интернет дома, компјутер, смартфон, колку и како се користат (а имаше за клима-уред). Познавање домашни и странски јазици. Користење типови медиуми, па коли, точаци, јавен превоз…
Па да се извадат отворени податоци (open data) да може да се анализира, податочно рударење (data mining), ископување „бисери“ oд информации… Како и да е. Повеќе среќа и ум наредниот пат.
Објава на Фејсбук од Филип Стојановски