Сакам да работам и тоа со луѓе кои се чесни, достоинствени и вредни. Затоа направивме таков тим кој сака да работи, бидејќи само со работа можеме да направиме успех, истакна пред кумановчани кандидатот за градоначалник на СДСМ, Оливер Илиевски. Тој кажа дека изминатиот период одел од населба до населба, од човек до човек, се со цел да види што најмногу им недостасува на нашите сограѓани.
-Ги нотиравме сите резултати во програмата и пресметавме кој проект колку пари чини и од каде ќе се финансира. Ми велат „од каде ќе ја реализирате целата програма? Знаете ли колку труд треба да вложите?“. Да, ќе вложиме во Куманово, мора да го направиме модерен европски град, затоа што кумановци го заслужуваат тоа, кажа Илиевски.
Тој потсети дека изминатите 12 години локалната власт била опозиција, па затоа во Куманово воопшто не се инвестирало.
-Куманово беше опозиција, не по наша вина, бидејќи сме слободарски град, а ВМРО не сакаше воопшто да вложи барем еден денар тука. Сега пак ветуваат дека ќе го граделе. Во последните години имавме локална и централна власт, тоа е историска шанса, но мала група на луѓе решија да бидат опозиција. Дојде времето сите заедно, ние од локалната и централната власт да му се оддолжиме на Куманово и да инвестираме во него, порача Илиевски.
Еден од најголемите проекти е гасификацијата, граѓаните сакаат чист воздух и нема алтернатива освен гасификација на целиот град, истакна кандидатот за градоначалник на СДСМ, Оливер Илиевкси. Тој кажа дека ќе треба да се гасифицираат и индустриските зони, а кумановските компании така ќе бидат поконкурентни на македонскиот и светскиот пазар и само така ќе се привлечат инвеститори.
-Вториот макро проект е изградба на кејот на двете реки и ќе продолжиме со вело патека до река Пчиња. Реката ја гледате сите, никој не сака да донесе гостин и таму да го прошета, целата е во ѓубре. Треба кеј со пешачки и вело патеки во должина од девет километри и пешачки мостови, кажа Илиевски.
Кандидатот на СДСМ додаде дека има и идеја за реконструкција на Градскиот стадион.
-Зошто ќе ни е таков стадион ако Куманово како најголема општина нема фудбалски клуб што за почеток би играл барем во втора лига и затоа одлучивме да финансираме клуб и сите наши Кумани да бидат на тој стадион и да ги бодриме заедно, рече Илиевски.
Тој вети дека ќе се изгради подземно сообраќајно решение, подземен паркинг и ќе се спојат двата плоштада.
-Куманово заслужува модерен европски плоштад, порача Илиевски.





