„За овие четири години во Пробиштип се реализирани низа капитални проекти. Инвестирано е како никогаш порано. Вашиот градоначалник Драган Анастасов во споредба со претходните четири години, реализираше пет пати повеќе проекти“ кажа премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев на трибината „Најдоброто за мојата општина“ во Пробиштип.
Тој додаде дека Анастасов бил упорен и редовен гостин во владата и министерствата лобирајќи за проекти за неговата општина.
Премиерот Заев кажа дека во изминатите четири години и локалните власти, но и централната покажале што значи вистинска грижа за сите.
„Во Пробиштип реализиравме доста инфраструктурни проекти и го поврзавме со источниот дел на земјата. Се градат 48 социјални станови во Пробиштип, се реконструираат училишта и градинки“ рече Заев.
Тој додаде дека инвестициите во ваква инфраструктура неколкукратно ѝ се враќаат на општината, додека спомениците, музеите и жалните врби не враќаат ништо.
Најдобрите кочници се прават во Белиот дворец на ВМРО-ДПНЕ, но народот не им ги купува.
„Знам каде се прават најдобрите кочници – во Белиот дворец на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е милионска инвестиција, но изградена со наши пари. Сепак и покрај масовното производство на кочници, тие не може да се пробијат на пазарот, народот не им ги купува. Да им порачаме дека ниту ќе го закочат напредокот, ниту ќе ја вратат државата назад“ кажа премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев на трибината „Најдоброто за мојата општина“ во Пробиштип.
Тој додаде дека народот не сака кочници и враќање наназад, туку сака енергија за да продолжи напред со нови инвестиции, да оди кон повисоки плати и пензии со цел подобар квалитет на живот во секоја општина.
„Вакви капитални проекти какви што ветуваат кандидатите на СДСМ, кандидатите на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не можат ни да сонуваат, а не пак да понудат или реализираат. Тие знаат само да го слушат Мицкоски и да нудат враќање во темното минато“ рече Заев.
Тој додаде дека анкетите, но и направеното во Пробиштип се гарант дека кандидатот на СДСМ и коалицијата Драган Анастасов – Ладич ќе оствари победа уште во првиот круг на локалните избори.





