Направивме уставни промени, со Грција го решивме проблемот, станавме членка на НАТО, спроведовме попис, го донесовме Законот за употребата на јазиците и комплетно го исполнивме Охридскиот рамковен договор, за што никој друг немаше храброст во минатото, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев од Арачиново, дополнувајќи дека за време на сите овие крупни одлуки биле реализирани повеќе од пет милиони евра проекти во општината.
-Ја донесовме и најголемата инвестиција од Германија, вредна половина милијарда евра. Тоа е затоа што сме членка на НАТО и има вечен мир во државата. Има сигурност, стабилност и никој пат повеќе војни и конфликти, рече Заев.
Тој истакна дека поради заедништвото и единството голем број светски лидери дошле да ни се поклонат и поради тоа што е изграден систем во кој сите се еднакви и сите имаат еднакви права и обврски.
-Станавме пријатели со сите пет соседи, иако со сите нив бевме скарани до пред четири години. Сите не посетија да изразат почит на нашиот народ. Секаде бев дочекан со црвен тепих, иако сум Заев од село Муртино, но таа почит беше за нашиот народ. Во единството е победата и на Арачиново и на Северна Македонија, заклучи Заев.
Д. Е.