Седуммина Авганистанци изутринава од Меѓународниот аеродром Скопје преку Истанбул, заминаа за Португалија како нивно трајно одредиште.
Како што е веќе познато станува збор за вработени во меѓународни организации и нивни семејства на кои во изминатиот период нашата земја им обезбеди привремено засолниште во рамки на меѓународната хуманитарна операција за помош и засега прибежиште кај нас во моментов имаат 407 граѓани од Авганистан, а бројката постојано се намалува.
Претходно група од 10 граѓани од Авганистан кои привремено беа згрижени во земјава заминаа за Франција. Друга група сочинета од 35 активисти за човекови права и женски права и членови на нивни семејства се упатија за траен престој во Грција.
Уште при избувнувањето на воените судири во Авганистан и драмата која се прелеа на аеродромот во Авганистан, македонската Влада информира дека ќе обезбеди привремено прибежиште за сите активисти кои работеле за невладините организации и институции чиј главен фокус биле демократијата и човековите права, а министерот за надворешни работи, Бујар Османи истакна дека неопходните финансиски средства ќе ги обезбедат властите на САД и коалицијата.
„Солидарноста која долго време ја најавувавме – од денес почнавме да ја спроведуваме на дело! Постојано говориме дека сме домаќинска земја, дека знаеме секому да му посакаме добредојде: Денес не правиме ништо различно, денес само на дело ја демонстрираме нашата солидарност и нашето топло добредојде на оние кои им е најпотребно“, истакна неодамна министерот Османи во изјавата за медиумите.
Владата ја извршуваше спасувачката мисија со сојузничките НАТО сили, со амбасадата на САД во земјава и со меѓународните организации и донесе одлука да ги ослободи од трошоци за издавање визи сите граѓани од Авганистан кои ќе пристигнат во земјата, а трошоците за нивното сместување во неколку хотели и мотели во земјава ќе бидат во целост покриени од меѓународните организации и од САД, сѐ до нивното заминување кон САД или до трети земји како нивна крајна дестинација.
Истовремено и сите македонски граѓани кои беа регистрирани на аеродромот во Кабул успешно се вратија дома.
Д. Е.