„Недоаѓањето на дебатите и избегнувањето на соочување на концептите е прашање на однос кон граѓаните и потценување на Скопје и скопјани. Во првиот круг, поради големиот број на кандидати и нивното однесување, Арсовска успеа да сокрие дека нема концепт за Скопје, туку има листа на желби и празни флоскули, затоа сега бега од директно соочување“ кажа кандидатот за градоначалник на Град Скопје од СДСМ и коалицијата, Петре Шилегов во емисијата „Патот кон“ на АлсатМ.
„Сега кога е свесна дека нејзините ветувања се лажни и дека тоа е само листа на желби, бега од дебата. Тоа зборува за демократскиот капацитет на Арсовска, што граѓаните ги враќа во не толку далечното минатото кога немавме јавни дебати, бидејќи функционерите бегаа и немаа демократски капацитет“ кажа Шилегов.
Тој додаде дека во една демократска држава најнормално е политичките конкуренти кои претендираат да станат градоначалници да ги соочат своите концепти на јавна дебата.
Како што кажа Шилегов, сите сакаат убаво, модерно и ефикасно Скопје, но концептот и стратегијата со која ќе се работи на остварување на таа цел е тоа според кое граѓантие оценуваат на избори и го даваат својот глас.
Д. Е.