ЦИВИЛ соопштува дека е во постојан контакт со граѓанките и граѓаните од кои пристигнуваат голем број телефонски повици и пораки поврзани со изборниот процес. На секое прашање одговараат искусни набљудувачи или правни експерти, а пријавите на нерегуларностите се обработуваат и стануваат дел од мониторингот на организацијата. И на овие избори, ЦИВИЛ е дел од тоа што се нарекува граѓанско набљудување во вистинска смисла на зборот и повеќепати ја изрази својата јавна благодарност за поддршката и довербата.
Мониторинг тимовите на ЦИВИЛ го набљудуваат изборниот молк кој настапи на полноќ меѓу петок и сабота, 29 и 30 октомври. Од обработените извештаи од теренот до 16 часот (30 октомври), се издвојуваат неколку случаи. Бројот на случаи на кршење на изборниот молк е далеку поголем. Повеќе детали ќе бидат соопштени на прес конференцијата в недела, 31 октомври, со почеток во 10 часот.
Охрид, интернет портал
Ноќта во петок кон сабота, на 30 октомври 2021, во првата минута по почеток на изборниот молк, еден интернет портал го прекрши изборниот молк, спротивно на Изборниот законик, известувајќи во живо на социјалните мрежи и на веб страницата за наводни активности за предизборен поткуп во Охрид.
Во јавувањето во живо, две лица што објавуваат содржини за неколку традиционални и онлајн медиуми, посочија припадници на една политичка партија како организатори на наводен поткуп. Иако партијата не беше директно именувана, двете лица зборуваа за нејзините партиски бои и направија опис со јасен опис со што го открија идентитетот на посочената политичка партија. Тоа претставува прекршување на правилата за медиумско известување за време на предизборниот молк и кршење на Член 76-Б од Изборниот законик.
Кршење на изборниот молк се бележи и од неколку други интернет медиуми кои објавуваат имиња на политички партии или кандидати, односно фото и видео содржини во кои е очигледно за која партија или кандидат се работи.
Тоа е спротивно на Член 76-Б од Изборниот законик.
Капиштец, Скопје
Околу 1 час по полноќ, мониторинг тимовите на ЦИВИЛ утврдија кршење на изборниот молк на повеќе места низ скопската населба Капиштец. На вратите во голем број станови во станбените блокови низ населбата беа закачени флаери со пропагандна содржина во изборен контекст.
Мониторингот на ЦИВИЛ поседува фотографии и сведоштва од граѓанки и граѓани кои потврдуваат дека се работи за кршење на изборниот молк, еден час по неговото стапување во сила.
Социјални мрежи
Одредени политички партии го кршат изборниот молк и на тој начин што дел од Фејсбук страниците и профилите кои се под нивна контрола вршат пропаганда. Иако се работи за социјални мрежи кои не подлежат под строгите законски одредби и се работи за Фејсбук страници кои не се официјално под нивна надлежност, јасно е дека се работи за пропаганда во изборен молк.
За време на изборниот молк, на социјалните мрежи се бележат случаи на говор на омразата насочен кон одредени политички ентитети. Анализата на ЦИВИЛ покажува дека се работи за поддржувачи и членови на одредени политички партии кои организирано објавуваат пораки и коментари со говор на омразата против политичките неистомисленици. Дел од пораките на социјалните мрежи содржат и повици на насилство.
Мониторингот бележи и еден случај на порака со вулгарни навреди и говор на омразата против претставник на ЦИВИЛ, во објава на Фејсбук страница која е позната како креатор на дезинформации и говор на омразата.
Но нападите од оваа Фејсбук страница врз ЦИВИЛ не престанаа таму.
Во подолга објава на една Фејсбук страница, позната по говорот на омразата и дезинформациите и која отворено води црна кампања во корист на одредена политичка партија, се изнесуваат ноторни невистини, манипулации, навредлив говор на етничка основа, говор на омраза против претставниците на организацијата и закани против нејзините набљудувачи.
Целта на овој крајно нечовечен атак врз една граѓанска организација за човекови права е да се изврши притисок врз организацијата и нејзините членови и да се попречи нејзината работа, како и да се нанесе штета врз угледот и довербата која организацијата ја ужива во јавноста во земјава и во светот.
Набљудувачите на ЦИВИЛ јавуваат за еден случај на повреда на тајноста на гласањето во општина во источниот дел од земјата.
На гласачот, лице пријавено за гласање в сабота, 30 октомври, му било дадено гласачкото ливче, но не му е дозволено да гласа тајно, под образложение дека „можеби ќе го фотографира ливчето“. Му било дозволено да гласа на влезот од домот на начин што членот на избирачкиот одбор имал целосен увид на тоа како гласал граѓанинот.
Изборните нерегуларности како што се притисоци, поткуп, злоупотреби, проблеми со Избирачкиот список, кршење на изборниот молк, говор на омраза, односно сѐ што граѓанките и граѓаните сметаат дека не е во согласност со нивното сфаќање за слободни, фер и демократски избори, можат да го пријават во ЦИВИЛ.
Пријавите може да поднесуваат на веб страницата slobodniizbori.info или во Граѓанската пријава која лесно се наоѓа и со клик на банерот Стоп за лажните вести и говорот на омразата на интернет порталот civilmedia.mk.
Исто така, може да се пријавуваат нерегуларности по електронска пошта ([email protected]), во порака на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ или на телефоните: 02 / 5209 176 (в недела, од 7 наутро) и 070 699 580 (сабота, 30 октомври, од 12:30 часот напладне).
Изборните нерегуларности како што се притисоци, поткуп, злоупотреби, проблеми со Избирачкиот список, кршење на изборниот молк, говор на омраза, односно сѐ што граѓанките и граѓаните сметаат дека не е во согласност со нивното сфаќање за слободни, фер и демократски избори, можат да го пријават во ЦИВИЛ.
Пријавите може да поднесуваат на веб страницата slobodniizbori.info или во Граѓанската пријава која лесно се наоѓа и со клик на банерот Стоп за лажните вести и говорот на омразата на интернет порталот civilmedia.mk.
Исто така, може да се пријавуваат нерегуларности по електронска пошта ([email protected]), во порака на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ или на двете телефонски линии: 02 / 5209 176 (в недела, од 7 наутро) и 070 699 580 (сабота, 30 октомври, од 12:30 часот напладне).
Информациите што се испраќаат на ЦИВИЛ треба да бидат точни и веродостојни, со сите потребни податоци. Фотографии и аудио/видео снимки што се добиени по незаконски пат – не се прифаќаат.
ЦИВИЛ на изборниот ден во вториот изборен круг, недела, 31 октомври, најави емитување програма во живо, со пет изданија на Изборен рапорт во текот на денот и тоа во 10, 12, 15, 17 и во 19:01 часот (веднаш по затворањето на избирачките места. Во изданието од 17 часот се предвидува вклучување на дел од долгорочните изборни набљудувачи од теренот.
На првата прес конференција на ЦИВИЛ, во 10 часот, ќе биде објавен извештајот од мониторингот на изборниот молк во земјата.
Сите прес конференции ќе се емитуваат во живо, на Фејсбук страницата и на Јутуб каналот на ЦИВИЛ. Доколку има потреба или по барање од медиумите, ќе се одржат и вонредни вклучувања во живо од прес студиото на ЦИВИЛ. На располагање на новинарките и новинарите ќе бидат и линкови за вклучување преку платформата Зум.
Со стриктно почитување на мерките за заштита од КОВИД-19, ЦИВИЛ ќе биде отворен и за физичко присуство на новинарските екипи (максимум три во исто време). Прес центарот на ЦИВИЛ е во Бизнис центарот „Палома Бјанка“ и ќе започне со работа во 9 часот, со подготовка на првата прес конференција веќе во 10 часот.
На терен, ЦИВИЛ ќе биде присутен со речиси триста мобилни набљудувачи, а во текот на целиот ден, почнувајќи од 6 наутро, па сѐ до полноќ, ќе бидат отворени канцелариите во кои ќе работат 30 луѓе во четири тимови: координација на мониторингот, примање и обработка на извештаите од набљудувачите, аналитика и односи со јавноста.
ЦИВИЛ тим за комуникации со јавноста