Во вториот круг на локалните избори во нашата земја се гласа во 44 општини. Право на глас имаат 1.353.990 гласачи во 2.481 избирачко место. Денеска, на 30 октомври, гласаат 1.409 затвореници, 266 лица во 13 старски домови и 6 внатрешно раселени лица, пренесува ЦИВИЛ Медиа.
Повторување на гласањето за градоначалник и за совет ќе има во Дебар, на едно избирачко место, 0543 и за членови на совет во Шуто Оризари, на избирачкото место 2957/1. Управниот суд го поништи гласањето на овие две избирачки места за гласањето од првиот круг на изборите на 17 октомври.
Нема гласање за градоначалник во Маврово-Ростуше и Центар Жупа, поради неисполнет законски цензус на гласање во првиот круг. Според Изборниот законик, потребно е да излезат најмалку една третина и еден гласач, од запишаните гласачи во Избирачкиот список. Во овој случај, според законот, ДИК ја известува Владата, а потоа во Маврово-Ростуше и Центар Жупа ќе се организира повторување на гласањето за градоначалник, но не и за членови на советот, бидејќи за нив не е потребен цензус.
Поради пандемијата со коронавирусот, гласањето и на овие избори, како и на претходните, ќе се одвива според безбедносни протоколи за заштита на здравјето на граѓаните.
ЦИВИЛ ги набљудва локалните избори со 284 акредитирани мобилни набљудувачи.