Вториот круг од Локалните избори во Северна Македонија беше во натпреварувачки дух и изборната администрација вложи напори да одговори на некои процедурални недостатоци од првиот круг, но негативната реторика и наводите за притисок врз гласачите и кандидатите продолжија да имаат негативно влијание на изборите, посочуваат прелиминарните наоди од набљудувачката мисија на ОДИХР за вториот круг од Локалните избори 2021.
Шефицата на Мисијата, Тана Де Зулиета, на денешната прес-конфернеција истакна дека лицата што ги спроведувале изборите ги извршиле техничките подготовки за вториот круг на избори во законските рамки, при што по преземените мерки да се одговори на техничките проблеми од првиот круг, вчерашниот изборен ден се одвиваше непречено, но како што посочи таа и понатаму се забележувале некои недостатоци.
Таа додаде дека поради несоодветно постапување по приговорите била отежнета ефективната употреба на правните лекови со што некои лица биле лишени од правото на глас.
– Додека од кандидатите во вториот круг се бараа финансиски извештаи тие не беа објавени пред гласањето. Од оваа причина, како и поради недоволните информации објавени во јавноста за отчетноста во врска со финансирањето во кампањата во првиот круг се намали транспарентноста, забележуваат од Мисијата на ОДИХР.
Во однос на известувањето на медиумите, набљудувачите од ОДИХР посочуваат дека радиодифузерите кои биле мониторирани обезбедиле доволно информации на гласачите за кандидатите, а вестите биле неутрални. Воедно се посочува дека најголемите парламентарни партии уживаат систематска предност во поглед на поделбата на јавните ресурси за водење кампањи и известувањето и рекламирањето во медиумите, со што се нагласува дека независните кандидати и кандидатите од помалите партии биле во значително незавидна положба.
– Може да се стори повеќе за изборите во Северна Македонија да бидат поинклузивни за независните кандидати, како и за оние што ги застапуваат помалите партии. Со подобрувања на изборната рамка за да се постигне рамнотежа со тоа што ќе се договори на системските нееднаквости во можностите за водење кампања, како и да се насочи вниманието на начините на кои ќе се зголеми учеството на жените во политичкиот живот, рече Де Зулиета, која посочи дека само шест од 88 кандидати за градоначалници во вториот круг биле жени.
Шефицата на мисијата на ОДИХР, нагласи дека набљудувањето на изборниот процес во вториот круг не беше на систематски сеопфатен начин, но оти членовите на Мисијата посетиле ограничен број избирачки места на кои процесот на гласање беше оценет како добро организиран, транспарентен, мирен, иако се вели дека изолирани инциденти биле пријавени од властите.
Де Зулиета го подвлече и фактот дека во второт круг, ДИК ја објави излезноста која била 48,6 проценти и веднаш почна да објавува прелиминарни резултати кратко по затворањето на избирачките места со што ја зголеми транспарентноста.
Мисијата на ОДИХР за набљудување на изборите во земјава која започна со работа на 7 септември во Скопје со тим од 16 експерти, вториот круг го следеше со 23 набуљудвачи од 13 земји. Конечниот ивештај со препораки за подобрување на изборниот процес ОДИХР ќе го објави вообичаено два месеца од изборите.
извор: МИА