ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ФРОНТ

Прасето пред Божик не се згои – Македонија е во политичка криза!

За поразот, несомнено, е најодговорен Зоран Заев. Но, тој и кога губи, како и кога победуваше, одржа „премиерна“ национална лекција што ќе се памти: ја честиташе победата на противниците, а потоа без траги на нерешителност, си поднесе оставка и од премиерската и од партиската претседателска функција – нешто што во демократска Македонија до сега не е забележано!

November 1, 2021 08:30
in ZOOM IN, ДЕНЕС, ИЗБОРИ, ПОЛИТИКА, ФРОНТ
Сашо Орданоски

Сашо Орданоски

Share on FacebookShare on Twitter

САШО ОРДАНОСКИ

Како што можеше да се претпостави, трендовите во вториот круг на гласање на локалните избори си продолжија според оние од првиот круг: СДСМ убедливо ја загуби градоначалничката трка во Скопје, Карпош, Гевгелија, Битола – всушност, речиси секаде, освен во Центар. Го загуби и Куманово, а за победата во неколку мали општини никој и не чувствува особена потреба да слави.

Со тоа, уверливоста на победата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во повеќе од 40 општини е потврдена, бидејќи големата разлика во севкупните освоени гласови од првиот круг не можеше да се надомести, а се зголеми во вториот, и покрај сите жими-мајка „научени лекции“ и „примени пораки“ искомуницирани од власта со јавноста во последните петнаесетина дена.

„Жолтиот картон“ од првиот круг стана најцрвен во вториот! Прасето пред Божик не се згои! Предизборните прогнози на СДСМ доживеаја потполн дебакл. Додуша, на избори за чиј доминантен демократски тек тие беа најмногу „надлежни“, за што треба да им се упати заслужен комплимент.

За поразот, несомнено, е најодговорен Зоран Заев. Но, тој и кога губи, како и кога победуваше, одржа „премиерна“ национална лекција што ќе се памти: ја честиташе победата на противниците, а потоа без траги на нерешителност, си поднесе оставка и од премиерската и од партиската претседателска функција – нешто што во демократска Македонија до сега не е забележано!

Би се рекло, во „свој стил“ му ја помати дури и големата победа на главниот опонент, Христијан Мицкоски, бидејќи такво „државничко однесување“ нему никогаш ни на ум не му паднало, а приликите му биле и побројни и не помалку убедливи.

Според тоа, Македонија е, официјално, во политичка криза. Заев, навистина, повика сегашната Влада да го продолжи својот регуларен мандат во наредните две ипол години, но факт е дека тој врз развојот на настаните повеќе нема решавачко влијание. Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, на нецел час по затворањето на избирачките места оцени дека „Владата и мнозинството се стабилни и покрај епилогот во оваа рунда“. Но, таа стабилност не ја гарантираат само СДСМ и ДУИ.

Всушност, за тоа ќе одлучува победничката БЕСА во Тетово, но само во „првата инстанца“ на „нестабилноста“. Да потсетиме, Али Ахмети на два дена пред вториот круг од гласањето изјави дека за коалицијата со СДСМ тој има цврст договор со Зоран Заев – но, важи ли тој договор, без Заев во Владата? ВМРО-ДПМНЕ е сега таа која ќе ги бира сојузниците во рушењето на власта, можеби и без избори, со разместувањето на „музичките столчиња“ во Собранието.

„Нотите“ за таа музика се во неколку раце. Ајде, прво, за „странските диригенти“…

Американците отсекогаш биле прагматичен демократски политички фактор и во земјава и во регионот. Рапидниот развој на политичката криза во Македонија сега е во центарот на нивниот балкански „послужавник“. Нивното влијание не е за потценување, но не треба да се преценува. Тие веројатно ќе одберат да поддржат владејачка варијанта која, во моментов, ќе ги стабилизира состојбите, но тоа „купување време“ нема да трае предолго. За нив сега е важен наследникот на Заев на челото на Владата, додека тој самиот полека ќе им „бледее“ во спомените. Влијанието врз изборот на тој наследник ќе ги „подотвори“ и нивните карти за она што ни следува.

Европскиот Запад е одамна посрамотен во земјава, но непријатна е пораката што, помалку или повеќе директно, ќе ја примат од Орбан, бидејќи триумфот на неговото влијание во Македонија ја ревитализира регионалната улога на антизападната клима на Балканот. Во Софија се слави (па, добога, за градоначалник на Скопје, со слободна волја на гласачите во Македонија, е избрана жена со нивно национално чувство!), а промената на македонскиот Устав според желбите на Софија сега е веќе многу поизвесно. Чесно би било, со стекнатиот голем изборен легитимитет на г-жа Арсовска, тоа да го иницира самата ВМРО-ДПМНЕ.

Сигурен сум дека и во Белград се слави, како и во балканските дескови на „надлежните“ за Балканот руски министерства (на тоа, барем додека вотката не се испие, овде не треба да се троши ни аналитички збор повеќе), а Тирана веројатно уште од ноќеска сериозно размислува како да го „одврзе“ својот евро-интегративен напредок од политичката криза во Македонија. За очекување е во Тирана наскоро да има нова средба на албанските лидери од Македонија, што овде ќе биде проследено со нови и предвидливи национални македонски политички конвулзии.

Тоа нѐ води назад, кон домашните „диригенти“…

Со оглед на тоа што ДУИ го загуби Тетово, Гостивар не го ни имаа, а во Чаир победата оди делумно на конто и на внатрепартиската струја (предводена од Изет Меџити) која сега ќе бара „да си дојде по своето“, Ахмети е принуден да ги комбинира сите можни идни национални „властелински“ варијанти. Неговата ѕвезда е на „гасење“, ама неопходноста партијата да му продолжи да биде дел од власта е прашање што го надминува дури и неговите персонални одлуки. Оти, Алијансата на Албанците, иако не се прослави на овие избори, му дише во вратот, а комбинацијата со БЕСА и Алтернатива може да го претрка пред дворите на „Белата палата“… Сѐ според желбата на македонските гласачи, барем додека Американците „им купуваат“ време.

А СДСМ?

Е, за тоа, ќе треба нешто да се каже и во деновите што следат… Таму драмата штотуку е почната.

Република Северна Македонија е демократска земја. Во неа решаваат изборните гласови на граѓаните, а Заев со својата постапка нѐ потсети дека улогата на политичките лидери е клучна за негувањето и развојот на демократијата.

За сите оние кои утрово многу слават или многу тагуваат, вреди да се потсети дека сонцето, сеедно, повторно е изгреано. Без преголеми драми, молам!

ЦИВИЛ МЕДИА

 


Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

НАЈНОВО

Фото: ЦУК

Пожарот во дојранско Николиќ опасност да ги зафати околните шуми, Грција испрати два канадери

July 12, 2025
Фото: Скриншот

(ВИДЕО) Куќен притвор за едно, а мерки за претпазливост за друго лице вклучени во нападот врз Арсовска

July 12, 2025
Генерирано со ВИ

Реакции на Кошта и европски лидери за царините на САД: ЕУ е подготвена да ги заштити своите интереси

July 12, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Бранко Тричковски (фото: Чедо Поповски)

    Приказна за лавот и глушецот

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Гордоста ми удри во чело – и ми извади око

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Чупеска за Фронтлајн: Власта ја занемарува интеркултурната комуникација и ги продлабочува поделбите

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Мицкоски не го осуди нападот врз градоначалничката Арсовска: Има институции, ги повикувам да постапуваат

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • (ВИДЕО) Арсовска со драматични обвинувања кон МВР: Се обидуваат да го заташкаат тепањето

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk