Американската амбасада известува дека македонскиот претседател Стево Пендаровски, имал кратка средба со американскиот претседател Џо Бајден, во Глазгов каде што се одржува 26-та конференција на ОН за климатски промени „COP 26“.
On the sidelines of #COP26 in Glasgow @POTUS Biden had a brief meeting with President @SPendarovski. pic.twitter.com/KFVZFLdgWD
— U.S. Embassy North Macedonia (@USEmbassySkopje) November 2, 2021
На маргините на „COP26“ во Глазгов, американскиот претседател Џо Бајден имаше кратка средба со претседателот Пендаровски, известуваат од американската амбасада.
Пендаровски, во Глазгов имал средба и со германската канцеларка Ангела Меркел, премиерот на Индија, Нарендра Моди и израелскиот премиер Нафтали Бенет.
Се вбројуваме и здружуваме со земјите кои активно преземаат обврски за борба против климатските промени. Важно е да се чујат и нашите заложби и работа во овој дел, се наведува во објавата на Фејсбук страницата од претседателот Пендаровски.
Од 31 октомври до 12 ноември во Глазгов се одржува 26-та конференција на ОН за климатски промени „COP 26“.
На покана на Обединетите нации, владини претставници од околу 200 земји во текот на две недели ќе разговараат за начините на кои човештвото сè уште може да го задржи забрзаното глобално затоплување на некое толерантно ниво, јави ДПА.
Се очекува да присуствуваат околу 25.000 луѓе, вклучително и илјадници новинари и активисти за заштита на климата.
Американскиот претседател Џо Бајден, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Борис Џонсон и италијанскиот премиер Марио Драги, како и многу други лидери, се во Глазгов. Британска кралица Елизабета Втора, која планираше да присуствува на конференцијата, била принудена да се откаже од патувањето по совет на лекарите, но престолонаследникот, принцот Чарлс од Велс, познат по својот активен став кон животната средина и климата ќе учествува во „COP26“.
Кинескиот лидер Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин нема да можат лично да присуствуваат на конференцијата, што значително ги намали очекувањата од конференцијата, во чиј успех британските набљудувачи и експерти почнуваат да се сомневаат. Во Глазгов нема да пристигнат и бразилскиот претседател Жаир Болсонаро и мексиканскиот лидер Андрес Мануел Лопез Обрадор.
Ј. Ѓ.