пишува: ТАЊА КАРМЗОВА КОСТИГЛИОЛА
Новонастанатата ситуација на државната политичка сцена ми даде желба да го споделам моето видување кон овој пресврт.
Во неколку наврати критикував политички одлуки и изјави на премиерот Заев. Квантитативно, во исто толку наврати и го поддржав. Повеќепати бев разочарана од политичарот во него, но никогаш од човекот, што имав прилика да го запознам уште како градоначалник. Убедена сум дека полош момент, односно полоша причина за оставка, премиерот не можеше да избере. Имаше моменти кога лично јас, од позиција на поддржувач на прогресивните политики на владата, што впрочем и ја гласав, ваквата оставка ќе ја перципирав како чин на прифаќање на вина за неизбежните грешки. На истата веројатно ќе гледав како на достоинствен начин да се замине од позиција за која квалитетите со кои располага Зоран Заев не се соодветни со потребите што ги има општеството.
Но, фактот што ова заминување од функција се случува како резултат на губење на локални избори, со посебен акцент на изгубеното Скопје, е невешто бегање од барањето одговорност токму во носителите на локалните позиции. Изборниот пораз што го доживеа владејачката гарнитура е само рефлектирање на мултифакторни болести со кои се соочува нашето општество. Оние што бараа лични привилегии – ги добија повеќе отколку оние кои се бореа за општината, регионот и државата. И можеби тоа е најпогубното во политиката што ја водеше Заев, што тој не владееше како политичар, туку како човек. Им служеше на луѓето како поединци, веројатно со надеж дека решените индивидуални ситуации полека ќе ја менуваат сликата на општеството. За сметка на тоа, таа индивидуализирана политика пушти корени и погуби еден елан на народна солидарност која бараше мир и правда.
Заев жалеше поединци, им прости и на оние што посегнаа по неговиот физички интегритет, на оние што случајно или намерно потфрлија во извршувањето на функциите што им беа дадени и со тоа го осакати државичето за правдата којашто насушно ја чекаа огромен број граѓани.
Впрочем, поради ваквите ликови огромен дел од оние што беа неопределени, а сепак повеќе наклонети кон СДСМ – престанаа да даваат поддршка и да се изјаснуваат, немо гледајќи како пропаѓа идејата и желбата што всушност ги донесе на власт тие несреќни функционери.
Овие гласови не беа толку ЗА опонентите и против Заев, колку што беа контра гореспоменатите ликови. Молкот од највисоките носители на државни функции само сведочи дека во круговите на Владата царува една нелагодност, една несмасност, една ноторна неспособност што се изразува преку игнорирање на вонсериски скандал, имајќи предвид дека фотелјата сега е слободна. Суровата традиција на давање курбан сега и преносно истапи во сржта на самиот државен врв, со надеж дека благословот со ново, поудобно столче кога-тогаш ќе стаса.