пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Првиот човек на Државната изборна комисија (ДИК) во своите изјави и самооценување неуморно инсистира дека со изборниот процес сè беше в ред и дека институцијата спровела одличен изборен процес. Тоа не е точно или барем – не е целосно точно. Најмалку што може да се каже е дека изборната администрација не беше спремна по многу основи.
Без оглед на општата оценка за слободен и демократски изборниот процес (ОДИХР и ЦИВИЛ), голем број забелешки упатија и двете организации, пред сè, во поглед на извонредно големиот притисок под кој се најдоа македонските граѓанки и граѓани во текот на изборната кампања и изборниот ден во првиот и во вториот круг. Не помалку сериозни се проблемите предизвикани од изборната администрација од повеќе аспекти. Веројатно ќе следат уште информации и анализи на тема ДИК, но денеска накратко да се задржиме на еден дел од проблемите.
11.000.000 евра
Постои само една можност успешно да воведете нешто ново во некој процес. ДИК ја пропушти таа шанса. Ќе остане запаметено неуспешното воведување на уредите за биометриска идентификација на гласачите (УБИГ или популарно познати како фингерпринт апаратите).
Фингерпринт апаратите не функционираа, не затоа што беа лоши самите уреди, туку затоа што системот беше далеку од подготвен. Добро ќе беше да се набават сега, а да се воведат на некои наредни избори. Вака, неуспехот да се стават во целосна функција остави темна дамка на целиот процес.
Се работи за илјадници случаи во кои луѓето не можеа да се идентификуваат преку новата технологија од бројни причини. Не може да се процени штетата што ја предизвика оваа несреќна околност. Повеќепати беше повторен е примерот со едно избирачко место во Кисела Вода, кога од 70 гласачи во низа, само 19 немале проблем со уредите. Тоа ни оддалеку не е добар исход од воведувањето на оваа технолошка иновација.
Најскапите избори во историјата, не сметајќи ги црните пари
Треба ли да се спомене и тоа дека ова се, историски гледано, најскапите избори спроведени на територија на оваа држава. Се работи за 11 милиони евра – само за апаратите (!) – кои ќе ги платат македонските граѓанки и граѓани. Допрва ќе излезат математиките на официјалните трошоци за локалните избори 2021.
Црните пари се друга приказна која, исто така, допрва треба да се расплетува. (Црните пари во македонскиот политички циркус)
Без гаранции пред изборите, со одлична оценки за себе по изборите
Првиот човек на ДИК, Александар Даштевски, порано и претседател на Државната комисија за заштита од дискриминација, на прес конференцијата на 4 октомври, неполни две недели пред изборите, кажа дека локалните избори ќе бидат добро спроведени, но не може да гарантира како ќе се одвива техничкиот дел со примена на терминалите за идентификација бидејќи тоа се случува првпат и немало пилот примена.
Како тоа? Ќе бидат успешно спроведени, но не гарантира дека ќе бидат успешно спроведени. За по изборите упорно да инсистира со одличните оцени за себе, дека успешно е спроведен процесот и дека фингерпринт апаратите овозможиле почитување на принципот „еден човек еден глас“.
Сè за ќефот на Мицкоски
Навистина, може успехот да не се гарантира, но мора да бидат гарантирани одговорноста и транспарентноста. За оваа прескапа и исто толку избрзана операција некој треба да одговара – морално, политички и законски.
Временската линија на спроведување на изборниот процес и на измените во Изборниот законик лесно ќе го сместат Мицкоски и неговата партија под критичкиот рефлектор. Сè за ќефот на Мицкоски, но залудно. Фингерпринт апаратите беа услов да се оди на избори и да се деблокира парламентот.
Условот да се воведе новата технологија беше исполнет, но парламентот не успеа да се деблокира. Напротив. А одговорност не се наѕира на хоризонтот.
Премногу „случајности“
На ова, неизоставно, се надоврзуваат и сите неконзистентности на Изборниот законик и бројни други слабости поврзани со начинот на кој работеше изборната администрација на пониските нивоа. На пример, избирачките одбори се посебна алармантна сторија. Изборниот законик доживеа измени на само еден месец пред гласањето, спротивно на сите стандарди и препораките од ОДИХР и од домашните експерти и релевантните организации во оваа област (МОСТ, ЦИВИЛ и други).
Самиот обид на ДИК да ги исфрли печатите на гласачките ливчиња од Упатството за важечки и неважечки гласачки ливчиња е индикативен самиот по себе. ДИК гласаше за исфрлање на печатот од гласачките ливчиња, а потоа експресно ги поништи промените во важен подзаконски акт на пет, односно на четири дена пред самото гласање за вториот круг. Премногу пати имаше „случаен“ или „несреќен“ стек на околности, за сето тоа да биде случајност.
Сиромавиот двојно плаќа
Сето тоа заедно, придонесе кон (документирани) случаи повреда на правото на глас, фундаментално човеково право, низ целата земја. Ова е поголем проблем, отколку што тоа може со прецизност да се утврди. Дел од гласачите се откажаа од гласање и од низа други непријатности со кои се соочија на избирачките места. Одговорност и за овие сериозни пропусти, освен за избрзаната примена на „фингерпринт апаратите“, мора да има. Но дали ќе има, ќе покаже времето.
Ако е како во минатото, сè ќе остане на праксата максимално да се прават компромиси со опозицијата, колку и да е тоа националистичка, антизападна и антидемократска структура, за да биде кооперативна. А кога останува на курсот спротивен на националните интереси – никому ништо – повторно нови отстапки и компромиси. Во присуство на една замрена јавност, до вчера клиентелизирана докрај, распадната од силните хибридни напади од надвор и однатре.
Но затоа, кога една таква опозиција ќе дојде на власт, како што дојде на локално и јуриша на централно ниво, одговорноста како поим, ќе биде заборавена на многу долго време (читај: засекогаш).
А парите и демократијата? Имаат граѓан(к)ите пари, а демократијата, изгледа, не им е важна. Или, сиромавиот двојно плаќа. И трпи.
ПС. Овој текст е мој прилог кон пошироката анализа на ЦИВИЛ за изборниот процес во чија изработка учествуваат повеќе авторки и автори, а е дел од вообичаената постизборна постапка што организацијата ја спроведува по секој изборен процес. Текстот нема намера полемизира или да го проблематизира изборниот исход од локалните избори, туку ја истакнува потребата за доследност во оценката на квалитетот на спроведувањето на процесот.