Во периодот од 2013 и 2020 година, локалното граѓанско општество со подршка на ОБСЕ регистрираше над 800 инциденти како резултат на меѓуетничка, верска или родова нетолеранција. Регистрираните инциденти најчесто се случувале на автобуски станици, во автобуси, училишни дворови и на социјални мрежи, истакна шефот на Мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Клеменс Која на денешната презентација на кампањата насловена „Прекини го кругот – омразата не е твој стил“.
Која информира дека целта на кампањата е создавање нова генерација на лидери способни да промовираат култура на почитување, разбирање и недискриминација.
– Со цел да се постигне тоа, ОБСЕ продолжува да ја поддржува земјата во имплементирање на начелото на Охридскиот рамковен договор за недискриминација и еднаков третман на сите според законот. Дисриминацијата, криминалот од омраза и говоорот на омраза се значителни предизвици во земјата. Тие се исто така и сериозна пречка во подобрување на меѓуетничките односи, изјави амбасадорот Која.
Тој оцени дека ваквите инциденти претставуваат и опасност за целото општество.
– Не може да одрекувате дека нетолеранцијата, дискриминацијата, говорот на омраза и криминалот од омраза имаат негативен ефект на општеството. Согледувајќи го тој факт, нашата мисија активно работи на спречување и справување со овие негативни појави преку различни активности. Меѓу другото поддржуваме законодавни реформи, градење капацитети на националните институциии, кампањи за подигање на свеста за деконструкција на предрасудите, како и напори за мобилизирање на државните институции и граѓанското општество за подобрување на меѓуеничките односи и помовирање на толеранијата и недискриминацијата, рече Која.
На прес-конференицијата беше истакнато дека кампањата има три главни цели и тоа, да придонесе за прифаќање на мултиетничко разновидно општество, да се зголми јавната свест особено кај младите за штетните ефекти и да го промовира критичкото размислување.
Според директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски бодрењето на терен од страна на навивачите е значајно, но не смее да премине во говор на омраза помеѓу навивачките екипи, бидејќи со тоа може да се предизвика физичко, па дури и психичко насилство.
– Лично поттекнувам од спортот. Јас сум долгогодишен спортист кој лично слушнал скандирање на натпревари, бодрењето на екипите на терен е сосем во ред, но кога тоа ги поминува границите и преминува во говор на омраза, скандирањата стануваат непријатни за играчите и од двете екипи. Многу е важно младите луѓе да се растоварат од секаков вид омраза, да сфатат дека омразата не е нивни стил, не е ничиј стил, омразата и нетолерацијата раѓаат само зло, регрес и поделби, изјави Мојсовски.
Тој порача дека младите ја имаат таа обврска да го прекинат синџирот на омразата и да ја негуваат толеранцијата
Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски, се согласи дека младите се важен сегмент во градењето на прогресот.
– Стратегијата и нашите политики за едно општество се клучните стожери на политиките на Владата, но со нив ги адредсираме сите проблеми, аномалии и недостатоци кои беа со години констатирани од различни институции. Младите ни се посебно битен сегмент и тие се едни од седумтте стратешки подрачја кои што ние ги адресираме во стратегијата и апелот до нив е огромен. Ние веруваме дека токкму младите се тие кои може да го донесат прогресот, но и да ја направат промената во општествените практики. Не беа реткост и криминалот сторен од омраза и на социјалните медиуми и генерално во јавниот живот насилството стереотипите монокултурата и непочитувањето на разликите преовладуваат, истакна Алаѓозовски.
Кампањата „Прекини го кругот – омразата не е твој стил“ е во организација на Мисијата на ОБСЕ и Агенцијата за млади и спорт.
извор: МИА