„За почеток, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ треба да побараат одговорност од Мицкоски кој седми пат ги лаже дека обезбедил мнозинство. Единствено добро од вчерашниот ден е што ВМРО-ДПМНЕ конечно поднесе иницијатива со името Република Северна Македонија и со тоа призна дека Преспанскиот договор е завршена работа и не е можно негово поништување“ – рече пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ во гостувањето на „Само вистина“ на Канал5.
Според Петровска не се потребни нови избори особено во момент во кој државата ја зафаќа економска и енергетска криза, и затоа е потребна стабилност.
„Ние имавме минатата година парламентарни избори и ова мнозинство доби доверба, затоа не се потребни нови трошоци и кочници во надминување на кризата со нови избори. СДСМ апсолутно смета дека како парламентарно мнозинство и како Влада сме отворени за сите политички субјекти кои ги делат истите вредности и истите идеали како и ние во делот на НАТО интеграциите и ЕУ на нашата држава“ – рече Петровска.
Таа нагласи дека изминатите години, иако земјата мина низ турбулентен период, а претходно беше затекната држава во која што власта направила дисторзија на целиот систем, сe изгради стабилен систем.
„Политички кризи од овој тип се инспирирани од лични побуди. Навистина не смее да дозволиме да влијаат на стабилноста и развојот на државата. Од тие причини, не би потенцирала сега со кои политички партии, дали се преговара и во кој формат“ – беше резервирана Петровска.