Хекуран Дука од ДУИ освои 4.291 глас, а Беким Поцеста од коалицијата Алијанса за Албанците/Алтернатива 4.153 глас. Ова се резултатите од гласањето во Дебар, информира на денешната прес-конференција претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски, соопштувајќи ги првичните резултати од гласањето за градоначалник на општина Дебар.
Во Дебар вчера се прегласуваше на едно избирачко место откако Управен суд ја прифати тужбата на коалицијата Алијанса за Албанците/Алтернатива, а ДИК врз основа на тоа донесе решение за повторување на гласањето.
Дука, неговите сопартијци и членови на СДСМ, кои победа прогласија на нецели два часа по затворањето на гласачките места, синоќа славеа во центарот на градот, на плоштадот „Скендербег“, со огномет, зурли и тапани, а првпат можеа да се видат македонското и албанското знаме како дебрани ги виорат заедно.
Во меѓувреме, од спротивниот табор најавија приговори. Кандидатот за градоначалник Поцеста, во изјава за медумите обвини дека „ДУИ денеска ги вклучила владините структури во изборниот процес за градоначалник на Дебар“. Додава дека, како може да обезбедат толку гласови, по неговите „ две чисти победи, во првиот круг и прегласувањето во едно гласачко место“ и посочува дека ќе ги анализираат записниците од избирачките места, по што ќе излезат со официјално соопштение. /МИА/