Славица Петревска Диневска
На Санта, баба ми
(Беше нема, а пееше најубаво со тие раце)
Дури се расчешлуваш пред растечено огледало
свирепо корнејќи гушнати нишки,
дури се напрегаш за да не видиш во рамката сенки,
дури мислиш
дека сѐ ќе исправиш, ќе одмрсиш со тоа парче штрбаво дрво,
утрото свири низ прстите како замав на срп во шамак;
тркала слики од еден двор покрај Езеро-
старата таткова куќа и немата старица Санта,
и двете изронети од чекања, светнати од детски очи.
Едни светулки чувани само за тој ден
и едни скришни солзења на лозницата над прагот.
Огледалото што те голта
ги позна рацете на жената што ги чекаше рибарите.
Ги имаш нејзините раце. Истите коски.
Но таа зборуваше со нив. Небаре птици ги полетуваше зборовите.
Беше нема, а пееше најубаво со тие раце.
Таа сега уште некаде
ги отплеткува мрежите, на дрвени колци ги оптегнува
и шепоти немушти тајни на топчиња бела плута.
Црвените ги прескокнува
да не ги разбуди демоните на Дивата Вода.
Беше нема, а пееше најубаво со тие раце.
Ти пак, никогаш не научи така да пееш.
Ти почесто ги стискаш прстите во грч.
Твоите прсти се изморени од ловење ветрови.
Тешки од сонови. Неодлучни во бегствата.
Зад завеси од мрежи се криеш од себе.
Боледуваш од недовршени здивови на сребрени рипки,
спрпелкани во корита к’о во суви очи.
Подот е покриен со мртви прамени,
одминати утра, неми спомени.
Огледалото го сечат мрежи
преполни бели и црвени
плутени тајни.
Славица Петревска Диневска (1972) е македонска поетеса од Ресен. Дипломирала на филолошки факултет, катедра македонска книжевност и југословенски книжевности. Нејзината збирка “Гуски на дождот” (1992) е наградена на републичкиот конкурс на Книжевна Младина на Македонија.
избор: Тања Кармзова Костиглиола