Пратеникот Кастриот Реџепи, и во интервјуто за „360 степени“, инсистира дека се промениле околностите од моментот кога се потпишал на иницијативата за гласање недоверба на Владата до моментот кога требаше да се одржи собраниската седница, што било причина да реши да не присуствува.
„Според информациите што ги имам, бројките веќе се обезбедени за да се функционира како мнозинство, но има преговори и со други политички партии кои се поддржувачи на оваа кауза и на овие насоки на Владата, така што наскоро ќе се знае до каде стигнала бројката на поддржувачите“, вели Реџепи.
Еден од мотивите за потпишување на иницијативата за гласање недоверба на Владата беше ДУИ да замине во опозиција и да има реформирање на институциите, но тоа не се прави по секој цена, вели во интервјуто за „360 степени“ пратеникот Кастриот Реџепи, кој со одлуката да не учествува на собраниската седница во четвртокот спречи паѓање на Владата.
„Прашањето на можната интерпелација за ДУИ внатре или надвор може да се случи и по добивање на датумот за ЕУ, ако нештата не функционираат како што треба, тогаш може да се вратиме на ова прашање. Но, во моментов, не вредеше за една емоција или за едно барање на група граѓани, ние да ја ставиме под знак прашалник судбината и насоката на државата и судбината на граѓаните“, одговори Реџепи на прашањето зошто не ја овозможил долгоочекуваната катарза во дел од албанската заедница.
Како и на денешната прес-конференција, Реџепи ги објаснуваше околностите под кои решил да се потпише на иницијативата, а потоа донел одлука да не учествува во уривање на Владата. Според Реџепи, тоа е можноста Северна Македонија во декември да ги почне пристапните преговори со ЕУ што, како што вели, сигурно немало да се случи ако паднела Владата.
За Реџепи, кој рече дека продолжува да функционира како пратеник на Беса, за која смета дека сѐ уште е дел од мнозинството зашто релевантните партиски органи не донеле поинаква одлука, прашањето на мнозинството е решено.