По натпреварите вчеравечер од европскиот дел на квалификациите, веќе се познати можните противници на македонската машка фудбалска репрезентација во баражот за Светското првенство во Катар следната година. Ова ќе биде првото вакво учество во бараж за пласман на Светско првенство.
Можни противници на Македонија во обидот да се пласира на Мондијалот се Португалија, Шкотска, Италија, Русија, Шведска и Велс.
Овие шест селекции беа второ пласирани во своите квалификациски групи како и нашата, но како подобро рангирани, се сместени во групата на носители, додека Македонија заедно со Турција, Полска и Украина, кои исто така завршија на второто место, заедно со Австрија и Чешка кои преку Лигата на нации обезбедија можност за разигрување, се сместени во групата на неносители.
Победниците на групите директно го потврдија пласманот на Светското првенство. Станува збор за Франција, Шпанија, Швајцарија, Белгија, Данска, Холандија, Хрватска, Србија, Англија и Германија.
Жребањето ќе се одржи на 26 ноември, а дванаесет селекции ќе бидат поделени во три групи по четири, во кои ќе се играат две полуфиналиња и тоа на теренот на носителите. Земјава не е меѓу нив.
Полуфиналните дуели на програмата се на 24 и 25 март, додека финалињата се на 28 и 29 март следната година.