Македонската Counter Strike: Global Offensive репрезентација како шампион се враќа од Светското еспорт првенство кое се одржува во Израел, пренесува it.mk.
Тимот на Bluejays во состав Јане „aidKiT“ Апостолоски, Дамјан „kyxsan“ Стоилковски, Александар „CacaNito“ Ќулукоски, Павле „stYleEeZ“ Стојановски и Кристијан „fodor“ Поповски кој ја преставуваше Македонија на Светското првенство во Ејлат во финалето со 2 : 0 го совлада романскиот претставник. Ова е истиот тим кој неодамна нè израдува и со првото место на Европскиот куп на нации во Counter Strike: Global Offensive.
Во формат подобар од три, првата рунда се играше на мапата „Inferno“ која беше избор на македонската репрезентација. Втората мапа „Mirage“ беше избор на Романците. Mакедонските е-спортисти славеа со 16:10 и 16:11 во формат подобар од 30 и со тоа победија против фаворитот во финалето.
Најдобар резултат од македонската репрезентација оствари Павле Стојановски со 24 убиства и 4 асистенции.
Освојувањето на првото место во Counter Strike: Global Offensive е еден од најголемите успеси на македонската е-спорт сцена, по освојувањето на второто место на Мартин „Saksa“ Саздов и тимот на Digital Chaos на Dota 2 International натпреварот 2016 година.
За освоената титула, македонската CS:GO репрезентација покрај титулата шампион доби и парична награда во висина од 10.000 долари.
Финалето на IESF World Championship се одржа во живо во израелскиот град Ејлат. Ова е најголем настан кој го организира IESF досега. На квалификациите за финалето учествуваа 85 држави, што е 11 држави повеќе од претходната година.
На финалето во живо се натпреваруваа 164 натпреварувачи од 40 држави. Најдобрите е-спортисти се натпреваруваа во DOTA 2, CS: GO, Tekken 7 и eFootball PES Series.
Шампионатот завршува утре со финалето во DOTA 2, за жал на овој турнир Македонија немаше свои претставници.
извор: it.mk