Цела кампања Мицкоски и Боби велеа дека за 4 години во Гази Баба не се реализирал ниту еден проект, а деновиве сите слики и промоции се токму од проекти кои сме ги започнале за време на мојот мандат. Проектот за изградбата на фекалната канализација во Страчинци за првата фаза беше комплетно подготвен и распишан со обезбедени средства во буџетот, а со реализација се почнуваше веднаш по изборите, напиша на Фејсбук, доскорешниот градоначалник на Гази Баба Борис Георгиевски и го објави договорот.
„Она што ме прави среќен е тоа што проектите се продолжуваат во интерес на граѓаните, за конечно да се решат инфраструктурните проблеми. Се надевам и очекувам покрај овој проект да продолжат со реализација проектите за изградба на фекална канализација во Црешево, Смилковци, Јурумлери, Гоце Делчев и Трубарево.
Ме радува и тоа што изминативе четири години сме успеале да ги убедиме ДПМНЕ дека овие проблеми на граѓаните треба да бидат приоритет“, напиша Георгиевски.