На 30 ноември, во Кинотеката на Македонија, со почеток во 20:00 часот, премиерно ќе биде прикажан третиот краток филм за “Старо Скопје”, ” Човек-Лав стори”, чиј автор е Катерина Габунија а носител на проектот НУФЦ Вардар Филм – Скопје.
Проектот е поддржан од Град Скопје а реализиран во соработка со Кинотеката на Македонија.
Проектот “Тајните архиви на Скопје “, “ Човек-Лав стори ” е инициран, режиран и координиран од Катерина Габунија а монтажата и дигитализацијата на Александар Трајковски. Третиот дел од серијалот филмови за Скопје и Скопјани со наслов” Човек- Лав стори ” претставува колаж од дигитализирани 8 милиметарски филмски ленти, чии протагонисти се граѓаните на Скопје.
Во овој трет дел акцентот е на љубовта. Таа ги спојува сите генерации и ги поврзува минатото и сегашноста. Љубовта е најсилната емоција која секогаш ја освојува публиката пред филмското платно. Слатка, возбудлива и горка сме ја искусиле сите и најлесно ни е да се соживееме и да ја разбереме таа емоција. Љубовта е наша движечка сила, која не мотивира да твориме. “Човекот“ не е совршен, знае и да згреши, но љубовта која ја дава, барем на кратко (онаа таинствената) е најсилна и вистинска. Нефилмуваната љубов на Скопјани е послатка и пореална од совршената.
Процесот на реализација на овој проект, како и до сега, започна со јавен повик до граѓаните за собирање на 8 и супер 8мм ленти. Се продолжи со Дигитализација и дигитална обработка на истите а потоа се премина кон монтажа на слика и звук. На овој начин преку архивирање и Дигитализација на стари филмски ленти (8 и супер 8 мм) од домашната архива на Скопјани се открива скриеното богатство за животот во градот, но и се зачувуваат драгоцени документи, кои доколку не бидат дигитализирани ќе исчезнат или ќе бидат дегенерирани и неупотребливи.