ГЕРБ го повика претседателот Румен Радев да побара оставка од ресорните министри во преодниот кабинет, како одговорни за несреќата со македонскиот автобус на автопатот „Струма“.
Десислава Атанасова и Александар Иванов од ГЕРБ, на брифинг во партискиот штаб што го пренесуваат бугарските медиуми, изразија сочувство до роднините на загинатите и најавија дека за време на нивните влади биле подготвени планови за поправка на кобната делница и други поправки на автопатот, но тие не биле исполнети од следните влади.
„На овој страшен ден, сметаме дека сите обиди за политички инсинуации и сугестии се непотребни, а изјавите дека причината за несреќата била патот или друг дел од трасата, искажани од градоначалникот на Перник и привремените министри, се длабоко погрешни“, рече Атанасова, која апелираше до сите политичари да сфатат дека изборите се завршени, а меѓусебните обвинувања нема да ги вратат изгубените животи.
Таа побара чесна, објективна и транспарентна истрага и да се понесе одговорност.
„Фактите се најважни кога се бара одговорност“, рече Атанасова, по што Александар Иванов говореше за деталите.
Делницата на автопатот Струма каде што се случи трагедијата е изградена во 2002-2004 година во времето на министрите за регионален развој и јавни работи Костадин Паскалев и Асен Гагаузов, според барањата на тогашната законска регулатива. Нормите се ажурирани пред две години по германски модел, а делницата е проектирана по советски тип и норми, посочи Иванов.
Тој објасни дека во современите прописи нема косини повеќе од 6 степени и свртувања, и ако автопатот би се градел сега, тој не би бил по стандардите по кои е изграден тогаш.
„Сега автопатот не би се градел вака, тоа се прави на косината на спротивната лента. На оваа делница работиме од 2020 година и зајакнавме не едно, туку две свлечишта“, рече тој.
Од ГЕРБ сметаат дека заштитните огради на „Хемус“, „Тракија“, „Струма“ се во страшна состојба, како и мерното обележување, нема поправки, а паркинзите за „Струма“ се затворени 5 месеци поради неможност за чистење.
Атанасова е децидна дека ресорната привремена министерка Виолета Комитова не ги исполнила задачите од последните седум месеци раководење и мора да преземе одговорност за управувањето со Министерството за регионален развој и јавни работи, Агенцијата за патна инфраструктура – РИА и Автомагистрали АД.
Иванов додаде и дека РИА во 2020 година подготвила задачи за одржување и обележување на патиштата, кои требало да бидат завршени во пролет и лето, но тоа не е направено.
„Се очекува Радев да преземе мерки и да побара оставки од надлежните министри“,додаде Атанасова.
Извор: 360 степени