Во КПД Прилеп свечено беше отворено новоопременото катче за деца-посетители на лицата кои издржуваат казна во прилепскиот затвор, како и отварање на библиотеката во установата. Од Управата за извршување санкции, информираат дека просториите се опремени преку грант од 4.000 евра обезбедени преку проектот „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем и на надворешниот механизам за контрола на полицијата во Северна Македонија”, како и во блиска соработка со КПД Прилеп.
Во изјава за Фронтлајн директорот на прилепскиот затвор, Александар Дамески, вели дека детското катче значи создавање на хуман пристор за децата кои ги посетуваат своите родители во кој ќе се чувствуваат слободно, забавно без чувство дека родителот е во конзервативна затворска средина.
„Затворот Прилеп со новиот Закон за санкции веќе две години работи како КПД, што значи згрижува осуденици со долги казни. Тоа значи се менуваат и нивните потреби. Детското катче значи создавање на хуман пристор за децата кои ги посетуваат своите родители во кој ќе се чувствуваат слободно, забавно без чувство дека родителот е во конзервативна затворска средина, вели Дамески.
Тој истакнува дека детското катче и библиотеката е резултат и на заедничките активности на вработените и осудените луца.
„Во уредувањето на детското катче учествуваа вработените и осудени лица и свое учество имаше и КПД Прилеп. Припадниците на затворската полиција дадоа свој придонес преку креативно боење на ѕидовите на детското катче. Библиотеката и нејзиното опремување исто така е резултат на заеднички активности на вработените и осудените луца на КПД Прилеп. Затворот обезбеди над 700 наслови, но потребно е надополнување на книжниот фонд со нови современи дела. Со реализацијата на двата проекти се практикуваат позитивните практики од европскиот затворски систем и се заокружуваат дел од потребните содржини неопходни за здрав затворски систем, за што како затворска управа сме искучително горди. Ни остануваат уште предизвици проекти за реализација во претстојниот период.“, потенцира директорот Дамески во изјавата за Фронтлајн.
Оваа активност, како што напомнуваат од Управата за извршување санкции, е организирана во рамките на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019-2022, а во соработка со Управата за извршување на санкциите. На настанот учествуваа директорот на Управата за извршување на санкциите Марјан Спасовски, раководителот на оперативното работење, Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија, Фрек Јанмаат и раководителка на оперативно работење, Програмска канцеларија на Советот на Европа во Скопје, Лејла Дергишагиќ.
Ј. Ѓорѓиоски