3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, се одбележува веќе 29 години, од далечната 1992, со идеја да ги промовира, но и да не потсети на правата и благосостојбата на лицата со попреченост во сите сфери на општеството и да ја зголеми свеста за состојбата на лицата со попреченост во секој аспект од политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот.
Хуманистот Денис Јанкуловски со објава на Фејсбук, за неговата активност за лицата со попреченост:
„Кога започнав да бидам поактивен за лицата со попречености, кога повеќе и почесто почнав да пишувам и зборувам за Даунов синдром, аутизам, церебрална парализа или било каква и да е друга нетипичност, но не од оној стручниот дел туку како нивни пријател и голем поддржувач а особено откако со пријателите го формиравме здржението „Аутизам ААМК“ понекогаш мене директно а често и сами се прашуваа луѓето:
Што има Денис, кого има и со што?
Веројатно претпоставувајќи дека некоја од овие состојби, попречености, нетипичности е некако застапена во мојата фамилија, поблиска или подалечна. А и веројатно заради тоа што претпоставувам дека реткост е некој директно или индиректно не засегнат така да биде поактивен, поборбен, погласен.
Да, директно не. Но во толку мала држава гарант сите ние имаме некого со некој вид попреченост, ако не роднина тогаш син или ќерка на пријател, комшија, колега на работа. Гарант, нема шанси да не познаваме никого.
Она што сакам да го кажам и укажам сите овие неколку години откако влегов во тој нов шаренолик, разнобоен, магичен свет е дека не мора да имаш никаква директно поврзана причина за да си активен, за да се интересираш за нив, за нивната состојба, за да ги разбереш, да ги почитувап и прифатиш онаккви какви што се ако сакаш да те прифатат каков што си. Не треба многу, доволно е да започнеш разговор со овие прекрасни личности, да се запознаеш со нивните семејства, да се обидеш да разбереш со какви се проблеми се соочуваат,особено институционалните но најмногу човечките дискриминации. Да најдеш начин како да помогнеш, а верувај после овие разговори ќе се пронајдеш себеси во нивниот свет.
Она што може секој од нас да го направи, што треба да го направи е да подаде рака богата со насмевка, да покаже дека гледа со срцето и гласно да викне АЈДЕ РАСТЕМЕ ЗАЕДНО.
Не е тешко, не боли, напротив, сето тоа причинува едно огромно задоволство и среќа што животот ќе го исполните со различност полна со љубов.
Почитување, прифаќање, инклузија, сакање. Тоа е Гуш и бац.“, пишува Јанкуловски.