Проблемите со образовната, личната асистенција, пристапот до социјалните услуги, поддршката која треба да ја имаат заедно со неусогласеноста на голем број на закони со Конвенцијата за права на лица со попреченост се слабостите кои граѓанските организации за и на лица со попреченост и на родителските организации ги посочуваат во своите дописи или излагања до народниот правобранител, изјави државната советничка Васка Бајрамовска-Мустафа на настанот на кој 23 граѓански организации кои се дел од Националниот механизам за мониторинг на имплементацијата на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, со Народниот правобранител потпишаа меморандум за соработка.
Сите забелешки на невладините, како што информира Бајрамовска-Мустафа, ќе ги компилираат во еден заеднички документ со нивните ставови во десетгодишното работење и ќе ги достават до органите на централната власт, единиците на локалните самоуправи и до сите органи, организации коишто на некој начин се поврзани со остварувањето на правата на лицата со попреченост за нивно запознавање со цел вклучување на лицата со попреченост и остварување на мотото „Ништо за нас, без нас“ во креирањето на политиките и алоцирањето на буџетски средства за подобрување на состојбите.
– Граѓанските организации остануваат на своето размислување дека пристапноста генерално станува сериозен проблем кој ги попречува во остварувањето на правата, но не само пристапноста од аспект на физичка или архитектонска бариера, туку како што наведуваат, бариери во комуникацијата, бариери во личните ставови на другите кои се уште со дискриминација, стереотипи, предрасуди гледаат на лицата со попреченост, технолошка бариера во пристапот итн., рече Бајрамовска-Мустафа.
Тие укажуваат и дека 30 години од постоењето на државата, лицата со попреченост се уште немаат свој претставник ниту во законоавството (Законодавниот дом), ниту во извршната власт или пак како назначени дриектори во некои други органи или институции уште помалку во правосудниот систем.
– Сето тоа компилирано во еден дел заедно со слабостите кои ги дава дури и инклузивното образование кое го посочуваат како позитивен пример со донесувањето на законот за основно образование, вклучувањето на попреченоста како основ за дискриминација, напорите за инклузивност на децата од предучилишно образование до сите степени на образование, трансформацијата на посебните училишта во ресурсни центри итн. сепак кажуваат дека и инклузивноста не е на начин како што тоа го бара Конвенцијата за права на лица со попреченост, заклучи Бајрамовска-Мустафа.
Народниот правобранител Насер Зибери кој го отвори денешниот настан истакна дека потпишувањето на овие меморандуми несосмнено ќе водат во насока на подобрување не само на соработката, не само на размената на информациите, туку и кон преземање конкретни чекори за подобро мониторирање на активностите на Владата за исполнување на обврските кои ги има преземено со ратификацијата на оваа конвенција. Вратите на Народниот правобранител ќе бидат широко отврени да сите заедно направиме што е можно повеќе да овие лица бидат целосно интегрирани во нашето општество, во политичкиот економскиот социјалниот културниот и информативниот живот во земјата.
Постојаната координаторка на Обединетите Нации во земјава Татјана Темелкоска потенцираше дека оваа конвенција е единствениот меѓународен документ каде се прави разлика и се подвојува функцијата на координација и имплементација од една страна од следењето, односно мониторингот кој е сфатен во поширока смисла, унапредување, заштита, и следење на состојбите.
– Кај нас се уште постојат различни ставови, но моделот кој го избра нашата држава, со фактот што Народниот правобранител е назначен за главен механизам кој ја следи Концвенцијата, со учество на граѓаните е навистина правиот модел кој треба да донесе до независно, непристрасно следење на овие состојби, рече Темелковска.
Јулијана Климоска од Полиоплус – движење против хендикеп вели дека најмногу од се недостасува усогласување на нашето законодавство со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, која, според нејзе, веќе би требало да биде задолжителна затоа што ние како држава сме ја ратификувале.
– За жал, мора да констатираме дека или воопшто ништо или многу малку е направено. Што е најлошо во целата ситуација недостига разбирањето по ова прашање, односно перцепцијата на хендикепот и на лицата со хендикеп. Не ни е розова ситуацијата имаме уште многу да работиме, рече Климоска.
извор: МИА