Д-р Ентони Фаучи и неговите колеги напишале труд во 2008 година, во којшто се утврдува дека жртвите на шпанскиот грип од 1918 година починале од бактериска пневмонија предизвикана од грип. Но, во трудот маските воопшто не се споменуваат, ниту, пак, некаде пишува дека тие се извор за бактериска пневмонија. Маските спречуваат ширење на вируси и никако не може да предизвикуваат бактериски пневмонија. Од Светската здравствена организација препорачуваат носењето маска да биде нормален дел од дружењето со други луѓе. Според американскиот Центар за контрола и превенција на болести маските се бариера којашто спречува вашите респираторни капки да стигнат до други лица, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Корисник на социјалните мрежи објави пост и фотографија во коментар на истиот пост, со кои погрешно се тврди дека за време на пандемијата на Шпанскиот грип во 1918 година луѓето умреле од бактериска пневмонија предизвикана од маски. Во објавата исто така се тврди и дека д-р Ентони Фаучи, директор на Националниот институт за алергии и заразни болести (НИАИД) и клучен член на работната група за коронавирус во Белата куќа, го знаел ова и го напишал во 2008 година. Ова не е точно.
ЗА ВАС ШТО НОСИТЕ МАСКА СО ЌЕФ
Фаучи знаел дека 30 милиони луѓе умреле од бактериска пневмонија, предизвикана од носење маски….
Луѓето биле уценувани,или маска или затвор.
….сликата во коментар ќе ја ставам,
оти овде ќе ја блокираат, се вели во постот.
Д-р Ентони Фаучи и неговите колеги навистина напишале труд во 2008 година во којшто се утврдува дека жртвите на шпанскиот грип од 1918 година починале од бактериска пневмонија предизвикана од грип.
Во трудот маските никаде не се спомнати, ниту како извор на пневмонијата, како што се тврди во објавата, ниту во кој било друг контекст. Оваа тврдење е дебанкирано и од сервисот за проверка на факти на „Јуес Тудеј“.
Фаучи и двајцата колеги – Др. Дејвид Моренс и Џефери Таубенбергер, истражувале белодробно ткиво и примероци од обдукција земени од жртви на шпански грип од 1918 година, како и други објавени наоди од тоа време. Групата открила многу видови на бактерии за кои се знае дека предизвикуваат пневмонија – инфекција која ги разорува воздушните кеси на белите дробови – алвеолите.
Резултатите биле споредени со ткиво и бактериски примероци добиени од подоцнежните пандемии, особено пандемијата на азиски грип од 1957 година и грипот од Хонг Конг од 1968 година, бидејќи и двата одговорни вируси биле потомци на шпанскиот грип.
Смртните случаи од овие подоцнежни пандемии, исто така, биле поврзани со бактериска пневмонија, но Фаучи и неговите колеги забележале дека има разлики во „спектарот и степенот на секундарната бактериска пневмонија“, најверојатно поради напредокот во медицината, како што се антибиотиците и вакцинацијата против грип, како и демографските и социјалните фактори.
Фаучи и неговите коавтори објаснуваат дека примарната инфекција со грип можела да го олесни развивањето на бактериската пневмонија и да ги убива пациентите, бидејќи вирусот ја уништил физичката и имунолошката одбрана на телото.
Маски во трудот воопшто не се споменуваат, ниту пак, некаде пишува дека тие се извор за бактериска пневмонија.
Коронавирусот се шири при близок контакт со други, преку респираторни капки. Респираторните капки патуваат во воздухот кога кашлате, кивате, зборувате, викате или пеете. Овие капки потоа може да ги вдишат луѓето кои се во ваша близина.
Маските се едноставна бариера за да се спречи вашите респираторни капки да стигнат до други. Истражувањата покажуваат дека маските, кога се носат преку носот и устата, го намалуваат прскањето на капките, се вели во упатството на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).
Треба да носите маска, дури и ако не се чувствувате лошо. Ова е затоа што неколку студии покажаа дека луѓето со ковид-19 кои никогаш не развиваат симптоми (асимптоматски) и оние кои сè уште не покажуваат симптоми (предсимптоматски) сè уште можат да го пренесат вирусот на други луѓе. Носењето маска помага да се заштитат оние околу вас, во случај да сте заразени, но да не покажувате симптоми, пишува на веб-страницата на ЦДЦ.
Од Светската здравствена организација препорачуваат носењето маска да биде нормален дел од дружењето со други луѓе. Оттаму апелираат дека соодветната употреба, складирање и чистење или отстранување на маските се од суштинско значење за тие да бидат што поефикасни.
Маските спречуваат во ширењето на вируси и никако не може да предизвикуваат бактериски пневмонија. Ова тврдење кое освен што е невистинито истовремено е и нелогично, пишува „Вистиномер“.