пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Не знам дали следите, почитувани пријатели, но јас имам впечаток дека хрватскиот претседател Милановиќ се претвора во токсичен фактор за Хрватска и за целиот регион. Социјалдемократ кој сака да биде поголем десничар од Јанша, Орбан или Качински, заедно.
Сака да го ослаби премиерот Пленковиќ и ХДЗ така што ќе ги истисне од ултрадесните пространства и ќе демонстрира ултра хадезизам. Десна десница. Со ригидни суверенистички, популистички, деснододворувачки пози во однос на Европската унија, всушност, со паланечки антиевропеизам, со релативизирање на геноцидот во Сребреница, па и во Јасеновац, со националистичките кокетажи со Додик односно со опасните ставови за БиХ, релативизирањето на одговорноста на хрватските полициски единици кои претепуваат мигранти на границата со БиХ и, конечно, пред некој ден, со неподносливата лефтерност со која зборуваше за убиството на српската фамилија Зец од страна на хрватските полициски структури на почетокот на Татковинската војна (“преживеаните беа примени во владата, примија отштета, што друго треба”).
Неверојатно.
Не, тие скандали не можат да бидат само хрватска работа.
Тие се од општ интерес.
Треба ли да образлагам зошто е тоа така?
Солидарност со хрватската нормалност, со цивилното општество кое реагираше на овие неверојатни ескапади, на интелектуалната јавност, на неговата и некои други партии, на бројни новинари и на други јавни личности кои реагираа.
Срамота, Зоки.
Колинда беше подобра.
И поубава.
Текстот е личен став на Авторот.