АЛЕКСАНДАР НИКОЛИЌ ПИСАРЕВ/ЦИВИЛМЕДИА
Планетарен настан минатата недела беше видео состанокот и разговорот меѓу американскиот претседател Џозеф Бајден и рускиот Владимир Путин. Разговорот беше организиран преку видео линк, при што Владимир Путин го гледаше Бајден на огромниот екран во својата резиденција во јужното летувалиште Сочи, а Бајден со најблиските соработници го следеше Путин преку безбедниот видео линк од специјалната соба (situation room) во Белата куќа. Светските медиуми состанокот го оценија како разговор со „висок ризик“, бидејќи Вашингтон сака на секој можен начин да се избегне воена ескалација во Украина, додека Москва со воени средства сака да ги означи сопствените стратешки „црвени линии“.
Пренесувајќи парафразирани делови од разговорот, и руските и западните медиуми го потенцираа ставот на Владимир Путин дека Русија нема да дозволи проширување на НАТО алијансата кон нејзините граници и распоредување на западните воени потенцијали во Украина, а Бајден дека Украина е од 1991 година самостојна, суверена и независна држава и дека има потполно легитимно право да одлучува за својата судбина и да решава кон која воена алијанса сака да се приклучи и со кои држави ќе развива стратешко партнерство.

Ѕвецкање со оружје
Во меѓувреме, на украинско-руската граница се распоредени огромни воени потенцијали на Русија, што го загрижува светот. Посебно што украинското раководство предупредува дека Русија континуирано изведува воени маневри на нејзината граница, ги поттикнува воените и паравоените структури да предизвикуваат инциденти на границата и дека има намера да ја нападне Украина.
САД и нејзините европски партнери со загриженост го следат развојот на настаните и го предупредија Кремљ дека ќе се соочи со многу сериозни економски санкции, какви што до сега не се видени, доколку преземе било какви чекори кои можат да го загрозат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
Разузнавачките и безбедносните структури на САД предвидуваат дека Русија можеби ќе изврши инвазија врз Украина веќе во првата половина на јануари идната година. Вашингтон пост, повикувајќи се на некласифицирани документи на американските разузнавачки агенции, открива дека Русија има план, на почетокот на идната година, да тргне во голема офанзива против Украина и дека во неа ќе бидат вклучени многу поголеми воени потенцијали од оние кои ги имаме видено за време на пролетните маневри оваа година. Тие планови вклучуваат 100 тактички групи распоредени во баталјони со над 175.000 војници, оклопни дивизии и артилерија.
Некласифициран американски разузнавачки документ до кој дошол Вашингтон пост се базира на сателитските фотографии, на кои се прикажани руските воени потенцијали разместени на четири локации околу Украинската граница и формираат 50 стратешко тактички групации, вклучувајќи тенкови и артилерија.
Американската администрација има направено детална анализа на руските планови и државниот секретар Антони Блинкен веќе ги запознал европските партнери со деталите до кои дошле разузнавачките служби, дополнувајќи ги податоците со сателитските снимки.
Украинските проценки зборуваат дека Русите на нивните граници имаат 94.000 војници, додека американските проценки се дека тој број е околу 70.000, но со тенденција да се зголеми на цели 175.000. Руските трупи се во движење кон и од границата со Украина за да ги прикријат вистинските намери и да создадат тензија и неизвесност, пишува Вашингтон пост.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен ги предупредил европските партнери дека состојбата на границата со Украина укажува на плановите на Русија за сериозна агресија против Украина и предупредил дека одговор на тоа ќе бидат многу сериозни економски санкции против Русија.
Се чека наредба од Путин
Разузнавачките податоци укажуваат на тоа дека Путин би можел набрзо да нареди инвазија на Украина, на што Бајденовата администрација веќе ги предупредила европските партнери.
„Уште не знаеме дали Путин ја донел одлуката да изврши инвазија врз Украина, но располагаме со точни податоци дека има капацитет тоа да го направи во многу краток рок. Мораме да се подготвиме за сите непредвидени ситуации“ – изјави Блинкен ден пред состанокот со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, а неколку дена пред разговорот на двајцата претседатели Путин и Бајден.
Џонатан Маркус од Институт за стратегија и безбедност на Универзитетот Екистер, во својата анализа, вели дека воената опција во Украина би можела да добие различни димензии од голема офанзива длабоко во територија на Украина, до инвазија во источниот дел на Украина, при што една од целите би била главнината на украинската војска да се воведе во битка при што Русите би им нанеле огромни загуби и голем пораз после кој киевската влада би била приморана да ги преиспита сопствените позиции кон Запад.
Украинскиот министер за одбрана, Алексиј Резниуков, зборувајќи во парламентот, предупредил дека Русија има околу 94.000 војници во близина на нивната граница и дека можеби подготвува офанзива која би започнала во јануари идната година. И американските аналитичари дале слични проценки за евентуална воена агресија на Русија во Украина кон средината на јануари идната година.
Мајкл Кофман , програмски директо во Безбедносниот центар ЦНА вели дека руското присуство на украинската граница е најголемо движење на руските трупи во периодот после 2014 година. И дека распоредот на трупите и мобилизацијата на резервистите е невообичаена и дека ако намерата на Москва била да ги уплаши Украинците и нивните сојузници, тоа можело да се направи и со помалку војска и потранспарентно.
Сергеј Лавров на ваквите информации кои се јавно изнесени пред членките на НАТО и западните партнери минатата недела, го повторил Путиновото предупредување дека американската воена опрема и активностите во Украина директно ги загрозуваат руските граници и дека таквото сценарио потсетува на ноќна мора и воена конфронтација.
Покрај познатите факти за воено присуство и воени маневри, истовремено, Русија спроведува специјална војна против Украина и шири дезинформации преку медиумите. Во текот на последните месец дена, во руските и други медиуми кои се под влијание на Москва дојде до поплава на информации со негативна конотација кон Украина и НАТО. Украина се обвинува дека со доближување до западната воена алијанса и провоцира руска воена интервенција. Путиновата администрација сугерира информативната војна да се насочи против Украина со таков наратив кој кај публиката ќе остави впечаток дека украинските лидери се инструмент кој го инсталирал Запад, за да ја шири омразата кон Русија и кон рускиот свет што е спротивно на желбите и интересите на украинскиот народ.

Што бара Путин?
Путин бара од САД и нејзините сојузници да дадат цврсти писмени гаранции дека нема да има проширување на НАТО во Украина и Грузија и дека НАТО ќе ги ограничи воените активности во близина на руските граници, пред сѐ, во Украина и околу неа. Путин оценува дека воените активности на САД и сојузниците во Украина и во близина на другите руските граници, ја минуваат црвената линија која Кремљ ја одредил како граница преку која нема да дозволи загрозување на безбедноста на Русија.
Зборувајќи во Кремљ, во пресрет на онлајн средбата со Бајден, Путин нагласи дека на Русија ѝ се потребни „прецизни, правни, судски гаранции дека НАТО нема да се шири до границите на Русија, бидејќи Запад не ги исполнува вербалните ветувања“. Понатаму, Путин надолго и нашироко го критикуваше проширувањето на НАТО кон бившите држави кои припаѓаа на Варшавскиот пакт и дека конкретниот писмен договор мора да исклучи понатамошно проширување на НАТО на Исток и распоредување на воени потенцијали во непосредна близина на руската територија.
Портпаролот на Белата куќа Џен Псаки, ја отфрли идејата на Путин за некакви писмени гаранции, потенцирајќи дека Вашингтон не е спремен на Москва да ѝ дава писмени гаранции дека Украина нема да влезе во НАТО.
„Земјите членки на НАТО одлучуваат кој ќе биде член на Алијансата, а не Русија. Процесот на прием на новите членки во НАТО отсекогаш така функционирал и така ќе функционира и во иднина. Мислам дека е многу важно да се запомни од каде доаѓаат провокациите, тоа во секој случај не е од САД и тоа не е од Украина“ – изјави Псаки за време на брифингот во Белата куќа (3 декември 2021).
Американски и украински официјални претставници и воени аналитичари веруваат дека Русија, доколку се одлучи на инвазија, таа би била со далеку поголем и посилен обем отколку во 2014 година, кога го анектира Крим и ги поддржа сепаратистичките структури на истокот на Украина. Тие предвидуваат дека Русија би отворила повеќе фронтови во Украина пред кои Киев би морал да капитулира, а неговите западни сојузници би биле приморани да обезбедат потребни гаранции дека НАТО нема да се доближува до руските граници. Воените аналитичари во овие планови наоѓаат аналогија со руската инвазија на Грузија во 2008 година.

Заеднички фронт за одбрана на демократија
Гардијан пишува дека во пресрет на разговорот меѓу Бајден и Путин, европските лидери се договориле да се воспостави „единствен фронт“ доколку Путин се одлучи на агресија врз Украина. Во рамките на тој фронт, САД ќе испратат засилување на источниот блок на НАТО како одговор на руската закана против Украина и предупредување до Москва за сериозни економски санкции кои можат да уследат.
Гардијан најави и дека Бајден јасно ќе му стави до знаење на Путин дека нема да ја исклучи Украина од идното членство во НАТО, како тоа го посакува Путин.
Пред разговорот со Путин, Бајден разговараше со европските сојузници и лидерите на европските земји, а британскиот премиер Борис Џонсон потврди дека се договориле за „единствениот фронт за Украина“.
Американскиот државен секретар, Антони Блинкен, во разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски ја потврдил непоколебливата поддршка од Вашингтон, доколку Украина се соочи со руска агресија, соопшти Стејт департмент.
Гардијан анализира дека доколку Путин се осмели да влезе на украинска територија, би уследило енергично барање на сојузниците да се засили источното крило на НАТО со нови потенцијали и да се одржат маневри како би се гарантирала безбедноста на сојузниците во источниот блок. Меѓутоа, Гардијан тврди и дека Бајден не би се заканувал со директен воен одговор на САД против Русија.
„Соединетите Држави не сакаат да дојдат во ситуација во која би се фокусирале на контрамерките и директна употреба на американската воена сила, но би биле спремни на комбинирана воена помош на Украина и на НАТО сојузниците тие да останат безбедни, како и на силни економски санкции против Москва.
Фјодор Лукјанов истакнат руски надворешнополитички аналитичар не верува, пренесува Би-Би-Си, дека Русија се спрема да започне офанзива. Но Москва е спремна да употреби сила доколку не може да преговара за промена на безбедносниот аранжман во Европа по студената војна. Дали е во право или не, не е битно, но постои црвена линија која ја повлекува Путин, дека за Русија е апсолутно неприфатливо членството на Украина во НАТО. Путин има личен интерес да го реши овој спор. Иако не е под временски притисок и не покажува знаци дека наскоро ќе замине од функција, тој чувствува потреба овој проблем да не го остави во наследство на следното раководство.
Олга Оликер, Програмски директор на Меѓународна кризна група за Европа и Централна Азија, вели дека би сакала да види како се повлекуваат руските трупи. „Мислам дека ќе останат на украинската граница како руска алатка за притисок да се постигне договор“ – вели Оликер.

Пакет санкции за Москва
САД и европските сојузници подготвуваат силни економски и други санкции против Русија во пресрет на можната воена интервенција на Русија во Украина.
Американскиот советник за национална безбедност, Џејк Саливано, изјави дека Бајденовата администрација подготвува конкретни и силни мерки против Кремљ и, доколку биде потребно, тие ќе стапат на сила веќе во идните недели. Покрај економските санкции, тие мерки предвидуваат и додатно распоредување на сојузничките НАТО трупи во регионот и додатна воена и одбранбена опрема за Украина.
Саливано не сакал конкретно да зборува кои се тоа економските санкции, но нагласил дека новиот гасовод од Русија до Германија, Северен ток 2, кој сѐ уште не е во функција, може да биде „алатка“ за САД и нивните сојузници.
„Ако Владимир Путин сака да види како гасот тече низ овој гасовод, тогаш не треба да ризикува со инвазија врз Украина“ – изјави Саливано.
Тој уште порано нагласил дека САД постигнале договор со Германија, во случај на инвазија врз Украина, Северен ток 2 да биде затворен.
Другите економски санкции би можеле да се однесуваат на руските банки, да им се ограничи конверзија на рубљи во други валути, како и Русија да биде исклучена од светскиот финансиски платен промет Свифт.
„Некои работи кои не ги направивме во 2014 за време на анексијата на Крим, би можеле да ги направиме сега“ – изјавил Саливан.
„Не е во прашање само присуство на руската војска на границата со Украина. Москва врши агресија врз информативниот простор, сајбер напади и криминал што сѐ заедно ја зголемува нашата загриженост“ – вели Лојд Остин, американскиот секретар за одбрана, зборувајќи на Регановиот национален одбранбен форум во Калифорнија, како што цитира угледниот Фајненшл Тајмс.
„Отворен е голем простор за дипломатија и лидерство за да се реши оваа криза. Ќе бидеме на постојана врска со нашите сојузници и партнери во регионот и ќе продолжиме да работиме сѐ што можеме да ѝ помогнеме на Украина да биде способна да го заштити сопствениот суверенитет и суверена територија“ – рече Остин.
Претседателот Бајден е во постојан контакт со европските сојузници и со Украина. Тој предупреди дека ќе се обиде да го спречи Путин да ги спроведе своите планови и навести казнени мерки. „Тоа што го правам е составен дел од она во што верувам“ – рече тој – „Тоа ќе биде најсеопфатен и најосмислен збир на иницијативи кои на господин Путин би му оневозможиле да продолжи да го прави тоа што ги загрижува сите луѓе“.