Гане Тодоровски
1
Во секој заглед: Занемена големина!
Во секоја мисла: Победа на невремето!
И одвет: Ваше сум Вчера!
2
Колку е малку нужно в очи да те збереме,
колку е многу нужно во дланките на
самочувството
да те сочуваме.
3
Витосни векови време требало да се надживеат,
векови невекувани,
години неизгодинети,
денови неразденети.
4
Витосни векови време во костец со забравата,
и — пак те имаме!
5
Тука сме, речи ни: почесто елате тука
и узнавајте ја смислата
на своето постоење.
6
Бликотен врутоку влеј се во нашите пориви,
така да истрајуваме,
така да се осмислиме,
така да убавееме.
7
Многузборлива немотијо, велиш ли:
и покрај сè —
живееме, живееме, живееме.
Гане Тодоровски (1929-2010) е македонски поет, публицист, критичар, историчар, преведувач и професор од Скопје. Добитник е на неколку книжевни, но и преведувачки награди.
избор: Тања Кармзова Костиглиола