пишува: БИЛЈАНА АРСОВСКА
Марко, мојот 4 годишен внук, секојпат кога се соочува со било каков проблем, вели: ‘Ништо страшно!’ Тоа го кажува кога по грешка ќе ја истури чашата со сок, кога несмасно паѓа од тротинетот па дури и кога некој друг ќе направи беља. Тоа го викаше и во болница кога докторката го боцна за да му земе крв, а тој, со солзи во очињата, си повторуваше: ‘Ништо страшно, ништо страшно…’
Така и јас, денес, на неколку часа пред операцијата чиешто име не го ни знам дури не го прочитам од наодот (преферирам да меморирам имиња на рецепти, не медицински термини на операции). Операција на колено. Скинат менискус. Течност во коленото. Оток… Ништо страшно, си велам. А во исто време размислувам за тоа колку, всушност, сме кревки, ние луѓето.
Пред само два дена кроев 101 план за претстојниот период. Планови за работа, за подароци, за патување, забави, собиранки со најблиските, спортување… Сè дури не ги избројав ѕвездите кога направив погрешен потег при вежбање. Ништо страшно! Ќе тркнам до болница, ќе ми кажат да мирувам ден-два, нема да мирувам ден-два бидејќи сакам да бидам активна секој ден, и тоа е тоа. Возејќи накај болница дури и договорив тренинг со колешка, вечера со другарка и речиси заборавив зошто воопшто одам на преглед. Боли, ама ќе помине. Не се плашам од физичка болка. Се јави Овенот. Сигурно не е ништо сериозно. И така, монолозите во мојата глава ме придружуваа во чекална пред да ме прегледа докторот.
Ништо сериозно, си потпевнував и мојот мозок го оптоварував со вообичаените проблеми, обврски, планови. Два дена и неколку снимки подоцна… се чини дека сепак, работата е сериозна.
Неколкупати ми ја објаснија постапката. Чекам да дојде моментот. Нека помине побрзо, си мислам. Ги набљудувам лицата околу мене. Им се восхитувам и суптилно им се поклонувам на сите кои одбрале професија во оваа дејност. Пациентите, и оние кои ги придружуваат своите блиски – сите до еден изгледаат загрижено, преплашено, нервозно. Сите изгледаме исто откако ќе ги облечеме болничките ноќници. И стари и млади. И моќни и кревки. И богати и сиромашни. Тука на сите мислите ни осцилираат околу она најважното. Она без кое ништо друго нема смисла. Здравјето.
Во овие моменти, веќе не чувствувам лутина кон клиентот којшто пред некој ден кон мене се однесуваше некоректно кога го изнесе својот бес за својот неуспех. Не ми е гајле за тоа што ја изгребав колата пред некој ден (Пак. Да.). Не се грижам за тоа што ќе биде за 5 месеци од сега. Не мислам на финансии. Мојата ненаситна амбициозност е на stand by. Моите колеги ќе се погрижат за мојата работа. Не сум анксиозна дека сè уште не сум им купила подароци на моите сакани. Тоа можам да го направам и подоцна. Ништо страшно.
Сакам само едно.
Да, тоа. Најголемото клише.
Најизбледената реченица на сите времиња.
Она што го земаме здраво за готово, дури не дојде до готово на здравото.
Повторувајте по мене, и силно мислете го ова: Само да сме здрави јас и моите сакани! Сè друго можам и ќе го постигнам. Па дури и ако не успеам во тоа – Ништо страшно.
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторката.