Министерката Шекеринска на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање најави дека нема да биде дел од новата влада. Таа истакна оти не е принципиелно да биде дел од новиот владин состав.
„Единствената принципиелна и чесна одлика би била да кажам дека нема да учествувам во следната влада. Сметам дека во изминатиот период можевме да продуцираме резултати како влада, јас како министерка за одбрана, само заради тоа што покажавме принципиелност, чесност и одговорност и многу работа. И тогаш вреди, и тогаш има резултати. Ако не сме принципиелни, тогаш мислам дека тие резултати нема да дојдат“, одговори Шекеринска на новинарското прашање.
Министерката за одбрана рече дека ја исполнила својата обврска во изминатите четири и пол години да им служи на граѓаните и на државата, со членството во НАТО, воената интеграција во Алијансата и со апсолутно променета ситуација во армијата.