Апелацискиот суд во Скопје ја прифатил гаранцијата од 11.106.501 евро од поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков. Тој излегува од притвор, пренесува „360 степени“.
Како што наведуваат, неговата жалба била уважена и решението за притвор е преиначено со прифаќање на гаранцијата. Апелациските судии му определиле мерки на претпазливост односно одземање на пасошот и обврска да се јавува во судот.
Гаранцијата над 11 милиони евра, според информациите на „360 степени“, се состои и во недвижен и во подвижен имот, а ексшефот на УБК треба да излезе од притвор кога ќе завршат административните процедури со ставање на хипотеката на имотот што е понуден како гаранција дека нема да избега.
Мијалков издржува мерка притвор во предметот „Трезор“, каде е неправосилно осуден на 8 години затвор.
Извор: „360 степени“