Рабиндранат Тагоре
Каква и да си, дојди; не се колебај при облекувањето.
Косата нека ти биде расплетена, и патецот заплеткан, и елекот раскопчан, што е тоа важно.
Каква и да си, дојди; не се колебај при облекувањето.
Со итри чекори дојди по тревата.
Ако исчезне руменилото од твоите нозе, зашто има паднато роса, ако прстените околу твоите нозе се рашират, ако бисерот испаѓа од твојата гривна, што е тоа важно.
Со итри чекори дојди по тревата.
Глеј, се трупаат облаци на небото.
Јата жерави долетуваат од далечни брегови, а напати ветерот дува преку пустината.
Преплашен добиток бега кон шталите в село.
Глеј, се трупаат облаци на небото.
В залуд го палиш светилникот на столот заради своето дотерување – трепери и се гаси на ветрот.
Кој гледа дека на твоите капаци нема црнило? Твоите очи се потемни од тмурните облаци.
В залуд го палиш светилникот на столот заради своето дотерување – трепери и се гаси на ветрот.
Каква и да си – дојди; не се колебај при облекувањето.
Ако венецот за твојата коса уште не е исплетен, што е тоа важно; ако синџирот околу твојот лакт не е закопчан, нека го.
Небото е покриено со облаци – доцна е.
Каква и да си – дојди; не се колебај при облекувањето.
Рабиндранат Тагоре (1861-1941) е бенгалски поет, новелист, музичар, сликар и драмски писател. Добитник е на Нобеловата награда за книжевност за делото “Гитанџали” во 1913 година.
избор: Тања Кармзова Костиглиола