Узурпирани јавните површини позади Националната филхармонија. Како што може да се види на видеото од Фронтлајн, повеќе возила се паркирани на патеките за пешаци и сервисната улица во паркот „Ибни Пајко“.
Градскиот парк „Ибни Пајко” се наоѓа позади Националната филхармонија на површина од околу 11.000 квадратни метри. Паркот е отворен во jуни 2019 година и располага со пешачки патеки, сервисна улица збогатена со улична уметност, а исто така поставена е функционална урбана опрема.
– Градот е особено горд на фактот што за подигнувањето на паркот се потрошени точно 0 денари, преку посебни јавни набавки, изјави на отварањето на паркот тогашниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов. Тој додаде дека зеленилото, патеките и урбаната опрема се одвоени од редовните програми на Градот и јавните градски претпријатија, а мал дел од нив се донација од општествено одговорни компании.
М. Ацковска