Миле Зечевиќ од денеска официјално е генерален секретар на СДСМ. Претходникот, Љупчо Николовски пред му ја предаде функцијата. Тој на 27 декември поднесе писмена оставка од оваа функција.
Во оставката, посебна благодарност упати до претходниот претседател на партијата Зоран Заев, како и до сите членови на партијата.
– Чесно и посветено одработив во тежок период за партијата. Денес СДСМ е најбројната, најмодерната, дигитализирана, динамична и европска партија. После 18 години СДСМ и коалицијата победија на парламентарни избори минатата година. На претседателот Ковачевски и новото раководство им посакувам многу мудрост, единство, ангажман и чување на вредностите. Со ова оставам можност за избор на нов генерален секретар согласно концептот на претседателот Ковачевски. Во однос на неговиот понатамошен ангажман во политиката и општеството, оставам да покаже времето. Достапноста, чесноста, искрениот и одговорен пристап во работата, држењето до зборот и ветеното, поддршката и залагањето за добри дела за сите без поделби на граѓаните по било која основа остануваат клучни вредности и залагања при вршењето на било која позиција и одговорност. За идните планови секако ќе има време да се размисли и одлучи по празниците, се наведува во писмената оставка.
На Централниот одбор кој се одржа на 27 декември, Миле Зечевиќ беше избран за нов генерален секретар на партијата, а нов организационен секретар е Вангел Андревски.
Бојан Маричиќ ќе биде секретар за меѓународна соработка, а Сања Лукаревска останува заменик-претседателка на партијата.
За нови потпретседатели на партијата беа избрани Перо Костадинов, Стефан Богоев, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Фатмир Битиќи.
И. З.