Гислејн Максвел е прогласена виновна за регрутирање и трговија со млади девојки за сексуално злоставување од страна на починатиот американски финансиер Џефри Епстajн, јавува Би-Би-Си.
60-годишната Максвел беше прогласена за виновна по пет од вкупно шест точки со кои се соочи, вклучително и најтешкото обвинение, за сексуална трговија со малолетник. Пресудата беше донесена по цели пет дена размислување од 12-члената порота во Њујорк. Тоа значи дека британската социјалистка би можела да го помине остатокот од својот живот зад решетки.
Датумот за изрекување на пресудата на Максвел се уште не е одреден. Пресудата уследи по едномесечното судење во кое сведочеа четири жени кои опишаа дека Епстajн ги злоставувал меѓу 1994 и 2004 година.
Максвел не покажала видливи знаци на емоции додека пресудата била читана во средата, само си турила вода во чаша од која се напила два пати. Набргу по пресудата, нејзиниот адвокатски тим рече дека веќе работат на жалба.
„Цврсто веруваме во невиноста на Гислејн“, им рече на новинарите нејзиниот адвокат Боби Стернхајм.
Ени Фармер, една од жените кои сведочеа против Максвел, рече: „Толку сум олеснета и благодарна што поротата ја препозна нејзината шема на предаторско однесување.
„Се надевам дека оваа пресуда ќе им донесе утеха на сите на кои им е потребна и ќе покаже дека никој не е над законот“, рече таа.
Максвел е прогласена за виновна за:
- сексуална трговија со малолетник;
- превезување на малолетно лице со намера да изврши криминална сексуална активност;
- заговор за транспорт на малолетници со намера да се вклучат во криминална сексуална активност;
- заговор за сексуална трговија со малолетници;
- заговор за привлекување малолетници да патуваат за да се вклучат во нелегални сексуални дејствија;
Таа беше прогласена за невина по една точка, а тоа е намамување малолетник да патува за да изврши нелегални сексуални дејствија.
„Првиот пат кога ја видов Гислејн Максвел, ја следев по улиците на Менхетен, прашувајќи ја за ужасните обвинувања против неа. Една деценија подоцна, ја видов за последен пат, на суд и повеќе не можев да бегам од вистината за нејзиниот живот со Џефри Епстajн. Овој синџир на трговија со секс не бил за профит, туку за болно задоволство на двете моќни личности. Двојката се движеше во влијателни општествени кругови и честопати со пријатели со големи имиња како Бил Клинтон, Доналд Трамп или принцот Ендру. Тоа ги маѓепса нивните жртви, привлечени од подароци и ветувања дека ќе им помогнат во кариерата и школувањето. Обвинителите рекоа дека процесот на „дотерување“ на тинејџерките за злоупотреба е клучен дел од „игротеката“ на Максвел. Нивното неверојатно богатство и врски беа клучни и на друг начин, тие ги заплашуваа и замолчуваа своите жртви“, вели Надиа Тавик, анализирајќи ја целата ситуација.
Максвел, долгогодишниот соработник на осудениот сексуален престапник Епстajн, е во затвор од јули 2020 година кога беше обвинета за вмешаност во злоупотреба на тинејџерки од страна на финансиерот. Некои од жртвите биле на возраст од дури 14 години.
Епстин си го одзеде животот во 2019 година додека го чекаше судењето за обвиненијата за сексуална трговија.
За време на судењето, адвокатите на Максвел постојано тврделе дека таа е жртвено јагне за злосторствата на Епстajн. Обвинителите, во меѓувреме, се обидоа да го поврзат дуото како „партнери во криминалот“ кои водеа „пирамидална шема на злоупотреба“.
Обвинителите наведоа банкарски записи кои покажуваат дека таа добила 30 милиони долари (22 милиони фунти) од Епстajн помеѓу 1999 и 2007 година како доказ дека била мотивирана од пари.
Сите жени кои сведочеле кажале дека биле сексуално злоупотребувани од Епстajн пред да наполнат 18 години и дека Максвел поттикнувала, помагала, па дури и учествувала во сексуалните средби.
Само една жена, Ени Фармер, го користела своето вистинско име во сведочењето, додека другите користеле псевдоними за да го заштитат својот идентитет.
„Гислејн Максвел… изврши злосторства рака под рака со Џефри Епстajн. Таа беше возрасна жена која точно знаеше што прави“, рече помошникот американски обвинител Алисон Мо.
Вирџинија Џуфре е една од најистакнатите обвинувачи на Максвел и Епстajн, а исто така рече дека три пати била принудена да има секс со принцот Ендру. Војводата од Јорк ги негира наводите.
„Мојата душа копнееше по правда со години и денес поротата ми го даде токму тоа. Овој ден ќе го паметам секогаш“, напиша таа на Твитер.
превод: Марија Миткоска