Испраќајки им подароци и пакетчиња, пожарникарите (доброволци) од Австрија на најмалите пехчевци им ја честитаа Новата година со желби никогаш да не се повтори она што се случи летово кога изгореа илјадници хектари шума во Пехчевско и Беровско, пренесе Нова ТВ.
– Тоа се луѓе со огромни души, луѓе спремни да се жртвуваат, хумани луѓе, херои на денешницата. Со испраќањето на овие подароци пожарникарите покажуваат дека пријателствата кои ги стекнаа ќе траат вечно. Им благодариме за се, истакна по тој повод пехчевецот Александар Бојчевски.
Маркус Еберхарт пожарникар кој учествуваше во гаснењето на пожарите за 2022 година, со фотографија од противпожарно возило, објавена на социјалните мрежи најави поддршка за градот Пехчево.
– Здраво луѓе на Пехчево, ви посакувам Среќна нова година и ви давам мал поглед на она што ќе се случи во 2022 година. Повеќе информации за донацијата ќе соопштиме наскоро, истакна Еберхарт.
Австриските пожарникари за време на пожарите летото 2021 година беа стационирани на Градскиот стадион во Пехчево и беа вистинска атракција за граѓаните и најмалите Пехчевци, со кои се изродија голем број пријателства, за што сведочат и самите подароци кои дечињата ги добија од нив.