По инцидентот во Архивата на Општина Јегуновце, во кој учествувале сегашниот градоначалник на општината, Димитар Костадиноски од ВМРО-ДПМНЕ и бизнисменот М.М.(69) од Скопје, МВР соопшти дека случајот е расчистен.
СВР Тетово до Основниот суд Тетово поднело барања за поведување прекршочна постапка и против 44-годишниот градоначалник и против 69-годишниот бизнисмен.
Според соопштението, Костадиноски на 5 јануари годинава околу 11.30 часот во Архивата на општинскиот објект, најпрво вербално се расправал со М.М.(69) од Скопје, управител на приватна фирма, му ги зел, му ги стуткал и фрлил документите на една од масите и го истуркал од просторијата.
М.М., пак, според пријавеното, го навредувал и му се заканувал на градоначалникот, откако тој му ги стуткал и фрлил документите и го истуркал од општинската Архива.
Градоначалникот Костадиновски, еден ден по инцидентот, на Фејсбук објави дека во просториите на општина Јегуновце, управител на фирма за електроматеријали инсистирал да „направи фалсификување на документи односно да повлече фактури од 17.09.2021 и да внесе нови изменети фактури со ист датум“.
Извор: МЕТА