пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Манифестот на Затвореното општество покажува дека класичниот „македонизам“ никогаш нема да биде во состојба да се одвои од својата патетична форма и да се конституира како модерен национален и државен фактор. Тоа значи дека тој ја разбира Македонија само како фаза на задоцнетата смрт. Тој фолиски или оранжериски македонизам бара константна температура и влажност, со умерена осончаност и заштита од надворешните влијанија. Растението е особено чувствително на сè поизразените климатските промени и на бурите што тие ги предизвикуваат. И затоа бара од светот да си ги пикне сите ветришта во внатрешниот џеб од сакото.
Да нè остави на мира.
Самиот себе си се дефинира како нешто што не подлежи на принципите на општествената еволуција, туку како некој неприроден, односно неисториски или вештачки феномен, постојано бара специјален статус за себе. Тоа значи дека, макар и потсвесно, тој се сомнева во сопствената супстанца и затоа инсистира на формата. И постојано се има себе си како тема. Тој македонизам ја дефинира Македонија како нација која е во постојана потрага по признание. Во потрага во која таа го има пронајдено, не признанието, туку сознанието дека непризнавањето е идеална форма на сопствената реализација. Идентитетот, достоинството, признавањето, да, но како симболи, со право затворениот во својата оранжерија тие одредници да ги остава празни или да ги полни со срања.
Со вештачки дожд и фенкојлери.
На тој начин, тој македонизам не ги развива, туку ги спушта јазичките, културните, спортските, економските потенцијали на луѓето, преку лажните признанија за придонесот кон идентитетот и достоинството на македонскиот народ.
Што тој ги формулира и интерпретира.
Културната и уметничка продукција, посебно книжевноста, но и медиумската, партискополитичката, па дури и спортската реализација, во тој концепт се насочени и црпат мотиви и ресурси од народот и за народот, односно се пројавуваат во своите најодвратни и најтрагични димензии спротивставени на културата и на модерната политика.
Според тоа, манифестот на Милчин е документ за тешката болеста на македонизмот односно на македонизмот како болест, а не апел за спас на Македонија. Ако Македонија воопшто ја има идејата за својот спас на маса, таа треба да се спасува од ваквите спасители. Манифестот е убав материјал за Струшките вечери на поезијата. За средбите во Велестово. За Трите гонга на Ѓоко Георгиев, бог да го прости. За „Нашите сонародници во странство“. Со синтисајзерската верзија на „А бре, Македонче“ како шпица. За говор на Мечкин камен. Но, за спас на Македонија е потребно да се извади чепот на македонизмот од творечката каца на Македонците. Како викаше Гомбривич: да им се уништи детството за да се пратат во класовите за возрасните.
Веќе пишував дека ваквите документи се полоши за тоа што го викаме национална кауза од сите надворешни напади. Тие се порака за неконсолидираноста, за уплашеноста, за беспомошноста на еден народ на кој Историјата му дала осумдесет години да се среди и да конкурира за нова виза, за нова временска отсечка, за новиот опен на времето. Таквите апели можат да нè исфрлат од турнирот, да ја откријат лагата во нашите документи, можеме да бидеме депортирани повеќе отколку што можеме да сметаме дека ќе нè остават да се натпреваруваме.
Тие се ветер во бугарската блокада.
Уште две работи: авторот и потписниците на документот се луѓе кои цели пет години учествуваа во невидената кампања за соборување на Заев преку најволшебната од сите волшебни платформи која требаше да му покаже на Македонецот дека неговата држава и неговото достоинство ги уништил еден човек и во таа смисла тоа требаше да се илустрира низ тезата дека не нè бива, дека сè е уништено и размакедончено, дека врвните самопотврдувачки дострели, европскиот гранд слем на Македонецот што ги оствари екипата на Заев, се тешки и фатални негации. Значи, едно темелно внатрешно самонегирање. Извештачено колку и самиот македонизам. Колку само превртени контејнери и расфрлано ѓубре откри Милчин со својата камера. Колку афери испродуцира мануфактурата на Кикифрики. Колку солзи исплака Катица Ќу. И Сузана. Ах, да и Биба: не остана „м“ од Македонија. За да докажат дека сме пропаднати. И сега што!? Сега актерите на таа предбугарска негација и деструкција повикуваат да застанеме еден покрај друг, да се сплотиме. Врз урнатините на Македонија. Врз сопствените проекции. Нема ниту назнака што би правеле така сплотени, освен, можеби, да се ебеме. Сплотеност, таа фамозна формула на популистите, националистите, фашистите, болшевиците и сите други идиоти.
Има еден момент во манифестот кој ме просветли: информацијата дека македонскиот јазик, преку старословенскиот, води потекло од словенските говори во три села во околината на Солун: Суха, Висово и Зарова.
Што да се каже.
Мислев дека и од Ѓузумелци сме зеле некој акцент, обаче ништо.
И на самиот крај: Македонизмот е надворешна негаторска ознака за македонската национална кауза. Професорката Малеска тоа убаво го забележува повикувајќи се на бугарски автори. Јас сум го употребувал тој термин само како форма за релативизирање на националното прашање, односно за ослободување на тоа прашање од вишокот значење и важност.
Македонската идеја не треба да се брани.
Треба да се напаѓаат сите коти кои ја фосилизираат и не ѝ даваат да се развива и менува.
Интервенциите во историјата се чин на ослободување на овој народ од сопственото ропство.
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.