Центар за јавно здравје од Охрид и полицијата проверуваат како и на кој начин градоначалникот на Охрид ги прекршил Ковид-протоколите.
Градоначалникот Кирил Пецаков за време на празникот Водици беше фотографиран како се поздравува и прегрнува и во добро расположение ама без маска, го прославува големиот празник Водици. Само тој знаел дека очекува резултати од тестирање.
Телма дознава дека поради прекршување на задолжителната самоизолација против него ќе биде поднесена и кривична пријава.
Од МВР испратија официјално соопштение.
„СВР Охрид во координација со Центарот за јавно здравје презема мерки и активности за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава“, соопштуваат од МВР.
Пецаков потврди дека не се изолирал по тестирањето за Ковид-19 и на Водици излегол да ја следи манифестацијата оти побарал тест заради патување, не поради тоа што се чувствува лошо. Тој потврдил дека добил позитивен тест, но следниот ден го повторил тестот и добил негативен резултат.
На својот Фејсбук профил, Пецаков го објави сертификат на кој се гледа дека резултатот од тестирањето направено на 21 јануари е негативен, но претходно Пецаков никаде нема објавено дека првиот ПЦР тест што го направил покажал дека е позитивен.
Тој за Водици бил во контакт со многу луѓе, меѓу другите и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и евроамбасадорот Дејвид Гир.
Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за А1он, потврдиле дека градоначалникот Пецаков добил решение за изолација по позитивен тест на коронавирус, а потсетиле и дека сè уште важат правилата – секој што се тестира веднаш да се изолира.