Две третини од дезинформациите за опасностите од вакцините на социјалните мрежи ја шират само 12 лидери на онлајн јавното мислење, кои имаат голем број претплатници и следачи, покажа студија на британската невладина организација Центар за борба против дигиталната омраза (ЦЦДХ), пренесува МИА.
Извадоци од студијата објави британската телевизија Скај Њуз која информира дека, според невладината организација, овие луѓе живеат претежно во САД и тврдат дека се политичари или лекари. Организацијата не ги објави нивните имиња.
За разлика од луѓето кои се опишуваат себеси како нерешителни или скептични за придобивките од вакцинацијата, антиваксерите користат агресивни методи за да ги убедат другите да не се вакцинираат, се вели во студијата. Се наведува дека откако компаниите кои управуваат со социјалните мрежи почнале да се борат против антиваксерската пропаганда, отстранета е голема количина на материјали.
Сепак, ЦЦДХ предупредува дека некои информации продолжуваат да циркулираат на интернет и оти противниците на вакцините често се појавуваат под други имиња или на страниците на други корисници, што им овозможува да ги заобиколат забраните за објавување. Имран Ахмед, извршен директор на ЦЦДХ, ги повика социјалните мрежи побрзо да ги отстрануваат информациите што сеат страв кај јавноста дека вакцините ги направиле луѓето поранливи на инфекција со коронавирус, доведуваат до неплодност и го зголемуваат ризикот од хоспитализација.
– Сите интернет платформи се грижат луѓето да поминуваат што е можно повеќе време на нив за да можат да им покажат што е можно повеќе реклами во исто време. Затоа, тие не се премногу решени да преземат акција, рече тој во телевизиско интервју.