ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ФРОНТ

Врти-сучи, евро-рускиот газ/с е отпозади!

Јасно е дека никој нема интерес (освен, можеби, самиот Путин и внатрешно-политичкиот опстанок на неговата автократија) украинско-руската криза да експлодира во отворен воен конфликт на Европскиот континент, проследен со жестоки економски санкции за руската олигархија. А, долгото одржување на овој висок, но контролиран интензитет на кризата чини најмногу пари за самата Русија. Затоа и шансите за мирен расплет на кризата се поголеми од оние за нејзино воено ескалирање

January 27, 2022 09:50
in ZOOM IN, ДЕНЕС, ФРОНТ
Сашо Орданоски

Сашо Орданоски

Share on FacebookShare on Twitter

пишува: САШО ОРДАНОСКИ

Човек тешко може да се снајде во грамадната дебата што се води околу причините и перспективата на кризата на украинско-руската граница. Тезите се како „подвижна мета“: зависат од тоа дали се води на теренот на моралните аргументи, за принципиелните прашања за украинското право за одбрана (и самоопределување) на државниот суверенитет, за континенталните гео-стратегиски интереси во кои спаѓаат безбедносните и енергетските интереси, за историските нарации или за персоналните симпатии и антипатии кон главните и „помошните“ актери во оваа драма, во чиј центар се наоѓа личноста на самиот руски лидер Владимир Путин (и неговиот домашен политички опстанок), наспроти колоритната колекција од неговите западни противници (и нивните демократски, внатрешнополитички нестабилности) која се движи во распон од Бајден и Џонсон, до Макрон и останатите членови на евро-атлантското сојузништво…

Или сето тоа заедно, протресено и сматено како коктел. Молотов.

Сегашниот државен естаблишмент на Русија, предводен од Путин, отворено смета дека украинската нација и украинската држава се геополитичка измислица создадена како резултат на компликуваната советска империја и нејзините „сфери на интерес“ по Втората Светска војна. Тој минатовековен концепт, со сите импликации од посткомунистичкиот распад на Варшавскиот советски пакт, Русија мисли дека сега е дојдено време да се „редефинира“, милом или силум, како крај на „понижувањата“ (тој список е подолг) што Западот ѝ ги наметна(л) на Русија во последните триесет години. Кој не верува во таквата аргументација ќе треба поинаку да го рационализира и да се соочи со 100-150 илјади добро вооружените руски трупи разместени на границата на Русија со Украина.

Од другата страна се државните аргументи на самата Украина, поткрепени од местимично хаотичната евро-атлантска поддршка на членките на НАТО кои не би „гинеле“ на украинска територија, но со воена опрема, со економска и со дипломатска поддршка би ја помогнале нејзината одбрана. Генерално поедноставено, интелектуално-политичките дебати на Запад повторно поминуваат низ премрежијата на својот „Чемберленски момент“ од 1938 година кога, откако ја прогледаа „низ прсти“ нацистичката анексија на Австрија, со постигнувањето на лажовниот договор во Минхен помислија дека Хитлеровите империјални амбиции ќе ги сопрат на границите на чехословачкиот Судетенланд, со што би се избегнала повторна голема и погубна воена конфронтација со Германија. Разни историски улоги и контексти се променети (Германија, Русија итн.), но принципот, се чини, е сличен.

Она што, сепак, не е слично се токму крвавите воени лекции од минатиот век. Да, и сега многумина тропкаат со оружје (некои на граници, други на прес-конференции), но желбата да го употребат, без разлика на реториката, логистиката и тековните погранични воени вежби, се далеку од решеноста од времето на нацистичката замисла за освојување на Европа и светот. Ако ништо друго, во изминатите седумдесетина години се создаде голема мултилатерална воено-дипломатска платформа што на Европа – дури и со напнатостите на повеќедецениската Студена војна – ѝ го донесе најдолгиот период на мир во нејзината долга конфликтна историја.

Вчера и НАТО и САД ѝ предадоа на Русија писмен документ (на што долго инсистираше Москва, како симбол на некаква почит кон нејзините, макар и очигледно неприфатливи  барања) за тоа како Запад го гледа разрешувањето на оваа криза, а и воопшто на натамошните „рамноправни“ источно-западни односи. Сега „топката“ е во „рускиот шеснаестерец“, имплицираше американскиот шеф на дипломатијата Блинкен, порачувајќи дека Москва треба да реши дали, отприлика, „ќе се тепаме или ќе се мириме“. Неговиот руски колега Лавров го прими предлогот, „борбено“ возвраќајќи дека Русија го задржува правото на мек или тврд одговор.

Но, едно е сигурно: НАТО Алијансата која, во принцип, е дефанзивна организација создадена ТОКМУ заради потенцијален европски судир со Русија, се „размрда“ како никогаш порано во последните триесетина години! Од една страна, разни земји членки ги покажуваат своите поединечни внатрешно-политички слабости и билатерални национални резерви во однос на принципиелната НАТО-мисија во однос на Русија; од друга страна, Американците во полн капацитет ја вратија својата лидерска позиција во Алијансата – што, после Трамп, не е мала работа. Да, разликите од држава до држава се видливи, но исто така е воочлива и заедничката европска мобилизација наспроти Русија, што сигурно е голем стратегиски проблем за идните односи на Русија со Стариот континент.

Бидејќи, кога ќе помине врвот на оваа напната криза, Европа, без сомневање, ќе мора да влезе во подолгорочно редефинирање на своите енергетски, транспортни, воени и други предизвици што ги претставува Русија за неа, а тоа не изгледа како да е подолгорочниот интерес на Путин. Оти, да не заборавиме, многу земји зависат од потенцијалите на руската енергетска империја, но и економско-социјалниот опстанок на Русија – чија вкупна сегашна економија е со големина на само една Италија, а е над 40 отсто потпрена само на своите енергетски операции – зависи уште повеќе од европските пари платени за нејзината енергија. Подолгорочно гледано, потенцијалните промени во тој баланс, особено заради климатските консидерации, се многу поголем проблем за Русија, отколку за Европа.

Можеби и затоа Путин смета дека е сега време, макар и со безбедносен притисок, да постигне некакви концесии од Европа, отколку за 10-20 години. Историски, колку и да биле трауматични, исходот од енергетско-безбедносните „пазарења“ на Русија со Европа секогаш биле понадежни (во недостаток на подобар збор), одошто „несаканата бременост“ што, евентуално, би требало да ѝ се случи со Кина.

Да се вратиме на почетокот: јасно е дека никој нема интерес (освен, можеби, самиот Путин и внатрешно-политичкиот опстанок на неговата автократија) украинско-руската криза да експлодира во отворен воен конфликт на Европскиот континент, проследен со жестоки економски санкции за руската олигархија. А, долгото одржување на овој висок, но контролиран интензитет на кризата чини најмногу пари за самата Русија. Затоа и шансите за мирен расплет на кризата се поголеми од оние за нејзино воено ескалирање. Со сите последици што таа веќе ги наметна во доменот на реал-политиката во Европа.

Па, на крајот, и од тоа може да излезе некаква поучна корист за самата Европа, вклучувајќи ги и „замрзнатите конфликти“ на Балканот. И таа историја предолго трае.


Преземено од Цивил Медиа. Текстот е личен став на Авторот.

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

НАЈНОВО

Фото: Вимблдон ФБ

(ВИДЕО) Ново полуфинале за Алкараз на Вимблдон

July 8, 2025

Кос: Владата во Скопје има историска можност и одговорност да направи решавачки чекор кон ЕУ со спроведување на уставните измени

July 8, 2025

Вајц: Во извештајот многу се зборува за уставните измени, треба да разгледаме забрзување на пристапниот процес

July 8, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Голема брзина причина за несреќата во која загинаа Жота и неговиот брат

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Силјановска Давкова за извештајот на ЕП: Не сум шокирана, во ЕП седат и претставници на партии што се против самата ЕУ

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Вајц: Во извештајот многу се зборува за уставните измени, треба да разгледаме забрзување на пристапниот процес

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Што содржи Предлог-извештајот на Вајц за земјава за кој денеска ќе дебатираат членовите на ЕП

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Град без визија: Зошто Скопје не смее да падне во рацете на лажен ПР

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk