МВР извести дека Дебарското одделение за внатрешни работи поднело кривична пријава против жител на село Новак, општина Центар Жупа за фалсификување службена исправа, кој како вработен во подружницата на АД „Пошти” во селото Голем Папрадник, во три различни временски периоди, од трансакциска сметка на починато лице, неовластено извршил присвојување на парични средства.
Јани Макрадули, Директорот на АД Пошти, преку објава на Фејсбук се произнесе за конкретниот случај.
– Во врска со случајот „фалсификување на службена исправа“, за која ОВР Дебар поднесе кривична пријава против Д.Ј.(58) од општина Центар Жупа, вработен во АД “Пошта на Северна Македонија”, Ве информирам дека по претходна пријава, од моја страна беше доставено барање до Самостојната служба за инспекција, за обезбедување податоци и откривање дали е извршена злоупотреба на службената положба и овластување.
По констатирањето на повредите и неправилностите, при извршувањето на работните задачи, од наша страна беа преземени сите мерки и активности за постапување против незаконските дејствија и случајот е пријавен до надлежните органи.
Лицето против кое е поднесена кривичната пријава, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело, веќе не работи во АД “Пошта на Северна Македонија”, а средствата во износ од 220.000 денари, кои противправно ги присвоил, на ден 30.12.2021 година се вратени, односно уплатени на сметка на ќерката на оштетената.
Во АД “Пошта на Северна Македонија” веќе нема компромис во борбата за спречувањето на криминалот и корупцијата“, вели Макрадули.
„Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „фалсификување службена исправа”, ОВР Дебар поднесе кривична пријава против Д. Ј. (58) од селото Новак, општина Центар Жупа. Тој, во својство на вработен во подружницата на АД „Пошти” во селото Голем Папрадник, во три различни временски периоди, од трансакциска сметка на починато лице, неовластено извршил присвојување на парични средства, информираше Стефан Димоски портпарол на Секторот за внатрешни работи- Охрид.
Со ова казниво дело тој присвоил парични средства во вкупен износ од 220.000 денари“, соопштија од МВР.