пишува: БОЈАН ПЕТРЕСКИ
Следејќи ги актуелните случувања на македонската општествено-политичка сцена, слободно може да се каже дека политичките чинители во Република Северна Македонија имаат различни ставови скоро за сите случувања во државата. И да, така и треба да биде бидејќи ние сме плурално општество каде имаме парламентарна демократија, па сосема нелогично би било сите да имаме исти ставови и мислења за случувањата во државата. Секако политичките партии се координираат и градат јасни ставови со кои ја запознаваат јавноста и се обидуваат да допрат до што е можно поголем број на граѓани, убедувајќи ги дека токму нивните ставови и предлог решенија за случувањата во државата се исправни. Па така, на тој начин градат политики кои потоа ги сместуваат во нивните предлог-програми со кои излегуваат на избори пред граѓаните и ја бараат довербата во нив.
Слободно можеме да заклучиме дека секој став на политичките лидери како олицетворение на политичките партии од кои доаѓаат, искажан пред медиумите, се толкува како став на политичката партија во целина. Секојдневно изјаснувајќи се за актуелните случувања, дали тоа се преку прес-конференции или соопштенија, граѓаните имаат претстава за правецот по кој се движи политичката партија. Следствено на тоа, анализирајќи ги последните реакции на најголемата опозициската партија во државата, ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот претседател Христијан Мицкоски, можеме да го одредиме правецот по кој се движи и ќе се движи оваа политичка партија. Најактуелни случувања во последниот период во Република Северна Македонија се: зголемената желба за напредок во надминувањето на разликите со Република Бугарија, желбата и притискањето од помалите политички партии за една изборна единица и преговорите помеѓу синдикатите и Владата во однос на минималната плата. Ставовите на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за овие три најактуелни теми во моментов, ќе ги анализираме посебно.
Па така, кога станува збор за зголемената желба на владите на Северна Македонија и Бугарија за надминување на разликите меѓу овие две земји се со цел добивање на датум за почеток на преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот претседател Христијан Мицкоски, не можат да се координираат и да изградат јасен став дали се ЗА или ПРОТИВ надминување на разликите меѓу двете соседни и исклучително блиски земји. Имено, токму лидерот на опозицијата по повод заедничкото чествување на роденденот на Гоце Делчев, даде една изјава каде вели дека неговата партија ќе поднела декларација во Собранието за зацврстување на ликот и делото на Делчев. Не може, а да не се спомене, дека македонското Собрание веќе донесе декларација, каде ги одреди црвените преговарачки линии во спорот со Република Бугарија. Со самото одредување на црвените линии на македонската страна и со самото заедничко чествување на ликот и делото на револуционерот Гоце Делчев како личност која е дел од заедничката историја на двата народа, оваа тема тука завршува. Дополнителното поднесување на декларации и дополнителните изјави кои му штетат на заедничкото чествување на ликот и делото на Делчев, може само да ја намали довербата и градењето на позитивни релации меѓу двете држави. Со самата изјава на Мицкоски дека нема ништо против заедничкото чествување на ликот и делото на Гоце Делчев, лидерот на опозицијата самиот се демантира. Имаме две контрадикторни изјави и нејасен став на Мицкоски.
Втора актуелна тема во последните денови е желбата и барањето на помалите партии за воведување на една изборна единица. Не може, а да не се спомене дека СДСМ е првата од поголемите политички партии која оваа идеја јавно, јасно и гласно ја поддржа. Сведоци сме на кокетирањето на Мицкоски со помалите парламентарни партии на оваа тема. Самата ВМРО-ДПМНЕ, која мудро молчеше по ова прашање, сега го реактивира истото. Никому не пречи среќавањето на претставници на ВМРО-ДПМНЕ со претставници на помалите парламентарни партии на оваа тема, но јасно е видливо дека тоа не е искрено и дека поддршката што оваа партија им ја дава на помалите партии, ни малку не е искрена. Не е искрена затоа што во моментов се наоѓаме во периодот кога не е дозволено гласање недоверба на Владата, односно во законскиот рок од 90 дена од последното поднесување на предлогот за гласање на недоверба на Владата. Јасно е дека Мицкоски е во состојба да вети се и сешто на пратениците од помалите парламентарни партии се со цел да ги придобие на своја страна. Не може да заборавиме дека токму Мицкоски и партијата ВМРО-ДПМНЕ се тие кои го блокираа предлогот за една изборна единица. Не е искрен и предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на бројот на пратеници во македонското Собрание бидејќи тоа е истата политичка партија која беше на власт 11 години и 6 месеци и наместо да го намали бројот на пратеници, таа го зголеми од 120 на 123 пратеници.
Трета актуелна тема последниве денови е преговарањето на Владата со претставниците на синдикатите за зголемувањето на минималната плата. Не може, а да не споменеме дека минималната плата во времето кога со државата владееше ВМРО-ДПМНЕ изнесуваше 8.050 денари во 2011 година. За време од 5 години, односно во 2016 година, минималната плата доживеа зголемување за цели 2.030 денари, односно во 2016 година истата изнесуваше 10.080 денари. Во 2017 година кога власта во државата ја превзема СДСМ, минималната плата изнесуваше 12.000 денари. Од 2017 година до 2021 година, минималната плата во државата порасна за цели 3.194 денари, со тоа што во 2022 година имаме преговори за покачување на минималната плата на 18.000 денари. И да, не е доволно, треба уште повеќе, но вреди да се поздрави бидејќи начинот и преговорите се крајно транспарентни со искрена желба и со јасна цел, а тоа е повеќе пари кај граѓаните. И околу ова прашање нема јасен став во ВМРО-ДПМНЕ. Првиот економист на партијата и поранешен министер за финансии Трајко Славески, кој зема плата во висина на минималната плата во Германија, јасно кажа дека е против покаќувањето на минималната плата, додека неговиот претседател на партијата, кажа дека минималната плата треба да продолжи да расте. Повторно немаат партиски консензус и околу ова прашање.
Јасно се гледа дека има разногласие во ВМРО-ДПМНЕ. Јасно се гледа дека се потешко им оди градењето на партиски консензус околу случувањата во државата. Спротивно на ова разногласие во ВМРО-ДПМНЕ, го имаме СДСМ кој има јасен став околу сите прашања и јасна визија и цел за тоа каде и во кој правец треба да се движи државата.
На Северна Македонија и треба стабилна опозиција, и треба опозиција која ќе биде коректор на власта и која ќе има јасни решенија за проблемите на граѓаните, а не паушални решенија и некоординирани изјави за јавноста, кои само можат да и донесат штета на државата во целина и разочарување на гласачкото тело на најголемата опозицикса партија.
Недостатокот на координација и ненавременото реформирање на ВМРО-ДПМНЕ, како и паушалната грижа за граѓаните која ја потврдуваат со своите изјави и соопштенија, се работите кои оваа партија ја држат во опозиција и непостапувањето по нив, може оваа партија да ја чини уште еден опозициски мандат.