Швајцарската драма „Сигурност“ во режија на Кармен Штадлер, денеска и утре од 19 часот, ќе се прикажува во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.
Како што информираат од „КТ Филм и Медиа“ филмот имал премиера на „Black Nights Film Festival“ во Талин во 2019 година.
Станува збор за разиграно, меланхолично ноктурно, кое е истовремено секојдневна приказна и бајка.
Во приказната се вклучувени најчудните ликови – осамениците на ноќната смена: мистериозната чуварка, која е воздржана и неспокојна поради нејзината работа, осамениот хигиеничар, Арап кој слуша радио вести од родниот град, збунетиот секретар кој копнее по семејство, откачениот готвач кој експериментира на својот последен рецепт и шефот кој го вежба својот завршен говор пред празни столчиња. Сите тие изгубиле нешто кое се надеваат дека повторно ќе го најдат во текот на ноќта. Шест ноќи се среќаваат и набљудуваат, се избегнуваат и се привлекуваат како магнети. А кога нештата ќе стивнат, зградата предизвикува прекин на струја. Поетски и ексцентричен калеидоскоп во кој се рефлектираат копнежот, сигурноста и милозвучните звуци кои се движат низ целата зграда.
Дистрибутер на филмот е „КТ Филм и Медиа од Битола“, а дистрибуцијата е поддржана од „Swiss Films“.
Извор: МИА