САД денеска соопштија дека Русија е на раб да изврши масовен воен напад против Украина, отфрлајќи ги тврдењата на Москва дека ги повлекува силите, бидејќи во артилериски оган беше погодена украинска градинка.
Во драматичен, претходно непланиран говор во СБ на ОН во Њујорк, американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека разузнавачките служби покажале дека Москва може да нареди напад врз својот сосед во „наредните денови“, пренесува МИА.
Со оглед на тоа што САД и другите западни влади рекоа дека не гледаат докази за поддршка на тврдењето на Русија дека се повлекува, Блинкен го повика Кремљ „да објави денес … дека Русија нема да ја нападне Украина. Кажете го тоа јасно. Кажете го јасно на светот“.
„Покажете го тоа со испраќање на вашите војници, вашите тенкови, вашите авиони, назад во нивните касарни и испраќање на вашите дипломати на преговарачка маса“, рече тој.
И најновите разузнавачки информации на британското Министерство за одбрана покажуваат дека Русија би можела да ја нападне Украина без дополнително предупредување.
– Русија задржува значително воено присуство кое може да изврши инвазија без дополнително предупредување, се предупредува во објавата на британското Министерство за одбрана на Твитер.
INTELLIGENCE UPDATE: We have seen no evidence that Russian forces are withdrawing from Ukrainian border regions.
Russia retains a significant military presence that can conduct an invasion without further warning. pic.twitter.com/qTYrItLxCf
— Ministry of Defence ?? (@DefenceHQ) February 17, 2022
Британското Министерство за одбрана на мапата ја прикажува „можната оска на инвазија на претседателот Путин“, која покажа дека Русија е способна да изврши копнено движење во првата фаза кон Киев од две точки долж границата со Белорусија и една точка од границата со Западна Русија.
Мапата ја покажува можноста за копнени движења во првата фаза од две точки и од Крим кон Мариупол.
Прикажани се и потенцијалните поместувања на копно во втората фаза од Крим кон Миколаив и од Дњепар кон Виницја, како и потенцијални копнени движења од првата фаза од западната руска граница кон правец на Луганск.
Претседателот на САД, Џо Бајден од Белата куќа ја обвини Москва дека подготвува „операција со лажно знаме“ како изговор за напад и рече дека тоа може да се случи „во следните неколку дена“.
„Тие не преместија ниту еден од нивните војници. Тие распоредиле повеќе војници“, рече Бајден. „Секоја индикација што ја имаме е дека тие се подготвени да одат во Украина.
Тој, сепак, додаде дека дипломатијата не е мртва. „Постои патека. Има начин“, рече Бајден.
По претходно најавените повлекувања оваа недела, САД, НАТО и Украина изјавија дека не виделе докази за повлекување, а Вашингтон рече дека Русија всушност преселила уште 7.000 војници во близина на границата.
Ј. Ѓ.