– Ваквиот начин на постапување е во согласност со јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права изразен во повеќе одлуки на Врховниот суд и тоа: Квп1.бр.81/2016 од 18.10.2016 година, Квп1.бр.183/2015 од 01.02.2017 година, Квп1.бр. 68/2016 од 01.02.2017 година, Квп2.бр.22/2019 од 18.06.2019 година, Кзз.бр.17/2019 од 11.07.2019 година, Квп2.бр.25/2021 од 08.11.2021 година и Квп2.бр.119/2021 од 15.12.2021 година.
Оттука, на овој начин се запазува конзистентност во постапувањето, со доследна примена на конвенциското право и меѓународно прифатените стандарди за човекови права, а во насока на обезбедување на правна сигурност и јакнење на довербата на јавноста во правосудниот систем.
Согласно судската пракса на Европскиот суд за човекови права од државата се бара да обезбеди на сите лица во судски постапки да ги уживаат пред тие судови гаранциите содржани во член 6 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основните слободи. Воедно, ваквиот начин на постапување е изразен во бројни одлуки на Европскиот суд за човекови права меѓу кои Атанасов против Република Македонија, бр. 22745/06, § 30, 17 февруари 2011 година и Делкур против Белгија (Delcourt v. Belgium), 17 January 1970, § 25, Series A no. 11.
Во секој случај, преку начелото на јавно судење и можноста која му се дава на обвинетиот да даде исказ пред Апелацискиот суд се остварува и целта за гарантирање на правотo на одбрана на обвинетиот Тирс и други против Сан Марино (Tierce and Others v. San Marino), броеви 24954/94 и 2 други, ECHR 2000-IX, § 95, се наведува во соопштението.
Со оглед на наведеното, како што посочуваат од Врховниот суд, остварувањето на правичноста на постапката претставува централен фактор во процесот на одлучување на судовите во решавањето на предметите, меѓу кои и погоре наведениот.
-Коментарите, изјавите и критиките, се дел од секое современо, демократско општество, меѓутоа тоа не смее да ја засени одговорноста за зачувување на независноста и непристрасноста на судството, за постапување во согласност со законите, како и со меѓународните инструменти и стандарди, што наметнува обврска на сите институции, како и на општеството во целина. Јавноста, како и медиумите имаат важна улога во зачувување на независноста и непристрасноста на судството и на принципот на владеење на правото, што претставува неопходен предуслов за зачувување на довербата на јавноста во судството, се вели во соопштението од Врховниот суд.
Врховниот суд ја укина пресудата на Основниот суд во Велес и на Апелацискиот суд во Скопје, со кои порашниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски беше осуден на затворска казна заради злоупотреба на системот за распределба судски предмети АКМИС.
Директорот на затворот „Скопје“ Филип Андов за МИА потврди дека со одлука на Врховен суд предметот се враќа на повторно судење и на Панчевски му се укинува затворската казна. Панчевски денеска беше пуштен од затворот „Скопје“.
Порашниот претседател на скопскиот Кривичен суд на 3 февруари годинава почна да ја издржува затворската казна, беше осуден од судот во Велес на три години и шест месеци затвор, а потоа скопска Апелација му ја скрати на две и пол години.
Владимир Панчевски е осуден е бидејќи во периодот од 2013 до 2016 година, како претседател на Кривичниот суд, рачно доделувал предмети кај подобни судии, а не преку АКМИС системот. Распределил околу 40 предмети, меѓу кои и два случаја на Специјалното јавно обвинителство.
Извор: МИА